Грбот на папата Лав XIV

Грбот на папата Лав XIV

Покрај тијарата и клучевите, кои се симбол на папската власт, акои ги има на сите папски грбови, грбот на папата Лав XIV ги има следниве елементи

„Од левата страна, на сина позадина, бел крин, симбол на чистота и невиност.“

Овој цвет се поврзува со Дева Марија и потсетува на богородичната димензија на духовноста на Папата. Но не е само побожно потсетување, туку и показател за централното место кое го има Богородица во патувачката, ходоченичката Црквата: пример за слушање, понизност и потполна посветеност на Бога.

На десната страна од штитот е Пресветото Срце Исусово, прободено со стрела и поставено на затворена книга.

Оваа слика нè потсетува на таинството на Христовата откупителна жртва, срце прободено од љубов за човештвото, но и на Божјото Слово, претставено преку книгата.

Неотворената книга сугерира дека божествената вистина понекогаш е прикриена, дека треба да се прифати со вера дури и кога не е целосно откриена. Тоа е повик за доверба и предавање, за упорност во пронаоѓањето на подлабокото значење на Светото Писмо, дури и во моменти на темнина.

Во контекст на тоа што го кажа папата Лав XIV во неговиот прв говор дека е син на свети Августин, прободеното пламено срце исто така е симбол на монашката заедница Августинци, а срцето е горливата страст на Свети Августин за Бога. Прободеното срце исто така е знак на Божјото милосрдие. Поставено на книга, нè повикува „Толе леге“, земете и прочитајте како што Свети Августин го слушна ангелскиот глас. Таквиот начин на читање на Словото Божјо го разгори неговото срце со љубов кон Бога, но и да бидеме исполнети со милосрдие!

Мотото избрано од папата Лав XIV, „In Illo uno unum“ – е земено од коментарот на Свети Августин за Псалм 126 – ја сумира суштината на неговата порака:

„Во Него, Кој е Еден, ние сме Едно.“

Овие зборови го содржат идеалот за обединета Црква, и покрај разликите и тензиите кои неизбежно ги има. Тоа е израз на заедништво засновано не на униформност, туку на средба во Христовата љубов, која овозможува братство и помирување дури и во најсложените контексти.

Не е случајно што папата Лав XIV. во својот поздрав до Црквата и светот, го кажа следново: Црквата како мост, повикана да ги надмине поделбите, да создаде простор за средба, слушање и милосрдие.

Грбот и мотото на папата Лав предлагаат визија за мисионерска, маријанска црква длабоко вкоренета во Христовата љубов.

Црква подготвена да страда и целосно да се посвети во служба на Божјиот народ, со свесност дека само во единство со Господ може секоја различност да пронајде хармонија.“

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот