Говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов при прославата на Денот на Македонски Каритас

Говор на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов при прославата на Денот на Македонски Каритас

Почитувани пријатели на Каритас, браќа и сестри,

Дозволете ми најнапред да го поздравам Директорот на Македонски каритас дон Паво Шекерија, долгогодишниот и прв диркетор на Македонски каритас монс. Антун Циримотиќ, како и сите соработници на Каритас од нашата бискупија и епархија. Ве поздравувам вас почитувани и уважени гости, ценети луѓе со добро срце!

Денес сме собрани за да го воздигнеме своето срце и душа во знак на благодарност кон Бога и луѓето, зашто единствениот заеднички именител кој ги поврзува личностите Бога и човекот се нарекува Љубов. За жал, нашиот јазик, не е толку  високо развиен како во Библијата во која постојат три изрази за терминот “љубов”: амор, каритас и агапе. Свети апостол Иван, Бог го нарекува: Тхеос тхе агапѐ естин – Бог е Љубов. Од ова – да кажеме – Божја дефиниција, следи разбирање, заради што човекот во животот е „незаситено битие“. Тој никогаш не може да каже: Ете, сега е доста не можам ништо повеќе да барам! Зашто човекот по природа е – секој човек – отворен кон бесконечната Љубов. „Немирно е нашето срце додека не се смири во Тебе“ говори големиот свети Августин. Затоа и животот на среќниот човек е незамислив без љубов. Сепак, вистинската љубов е давање, а не само примање. Свети апостол Павле нѐ учи: полесно е да се дава отколку да се прима! Во тој факт е втемелена логиката на нашите Каритаси како здружение на луѓе со добра волја, што ја сфаќаат логиката на животот и логиката на среќата и блаженствата. Бидејќи, Каритас конечно е инспириран од Бога, вработените и волонтерите во Каритас се обидуваат – барем делумно – да го гледаат човекот со Божји очи. За Бога, човекот е врвна вредност, бидејќи е создаден на Негова слика, личност која има свој почеток во историјата, но нема конечен крај на уништување, туку како духовна реалност е повикан за вечен живот, да учествува во Божјото блаженство: Агапе = Љубов. Тоа е полнота на животот. Ако така гледаме на вредноста на животот, тогаш навистина пред нас е само човек како личност кој има потреба од наша помош за да биде “повеќе личност” за да биде повеќе сакан. Но, како учи Апостолот: „да не се сакаме со зборови и јазик, туку со дела и вистина“, заради тоа Каритас е организација не идеолошка, туку онтолошка. Собира луѓе што се свесни на своето достоинство, но и на својот повик постојано, дури дневно, да се обидуваат овој живот да го направат поубав, похуман. Понекогаш тоа е ефективна материјална помош, понекогаш е утешен збор, а понекогаш е немоќ, освен да се биде солидарен со потребните. Гледајќи го овој хуманизам, тогаш јасно ни е зошто Каритас не ги дели луѓето по етничка припадност, религија, пол или возраст. За Каритас тоа е едноставно: Човек во потреба. Секој прави тоа што мисли дека може. Некој ќе сочувствува, некој ќе теши, некој материјално ќе помага, некој со физичка работа ќе помогне – но секој тоа ќе го направи од еден единствен мотив, а тоа е: Во срцето имаме љубов кон човекот како таков. Не судам, не предупредувам, не правам поделби, туку помагам, дарувам тоа што имам. Никој не може пред Бога и својата совест да дејствува во Каритас, а да нема љубов во своето срце. Според тоа во Каритас не поврзува ефективна љубов, без оглед на припадноста на која вера или светоглед припаѓаме. Овој пат, зборуваме за Каритас во Католичката црква, но тоа не е ексклузивитет, туку поврзувачки фактор на организирана помош за потребните. Никој од нас не се бара себеси во тоа, туку ги бара браќата и сестрите во потреба. Овде се вклучени и тие што ни помагаат со молитва и страдање. Ние веруваме во силата на молитвата како извор на моќ и инспирација, зашто ако Бог го љуби човекот и го сака, во спротивно не би бил Бог, тогаш Тој е извор на нашата сила.

Ние во Македонија имаме среќа што нашата сограѓанка, света Мајка Тереза, е универзална Жена на делотворната Љубов. Таа е нобеловка на сиромашните. Таа во себе ја дефинира сета каритативна дејствителност не само за нас католиците, туку и за сите луѓе со добра волја што имаат срце. Секој аспект на добротворна активност треба да има пред себе принцип на љубов кон потребните, како што во животот ги покажала света Мајка Тереза од Скопје – Мајка на сиромашното човештво. Горди и благодарни сме што можеме да ја имаме како света Покровителка на нашиот Каритас. Нејзиниот дух – духовност, живее меѓу нас. Таа токму тука најнапред учеше да ги љуби сиромашните, потребните. Примерот на нејзините родители и тогашните членови на Црквата ставија темел, првиот камен во големата зграда на нејзиното дејствување во светот. Затоа кон неа прибегнуваме молитвено и барајќи инспирација за својата работа токму во неа Жена, Мајка на сиромашните.

Благодарам на сите вработени и волонтери во Каритас, а воедно молам и би сакал нашиот начин на работа да биде најубав знак на нашата почитувана Светица. Почитувањето е: наследување.

Оттука одлучив и предлагам да прифатите 5 декември секоја година да биде ден на Каритас во Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија. Имено, од нејзиното прогласување за Светица секој 5 во месецот го посветуваме во нејзин спомен и почитување. Затоа сметам и примерно тој ден да биде и ден со посебна програма на средба, договор, благодарност за нашиот Каритас. Среќна околност е и во тоа што, според грегоријанскиот календар, тој ден се наоѓаме и во предвечерието на најомилениот светец, свети Никола, што на некој начин е шампион во смисла на помош на најпотребните, почитуван за тоа во целиот свет.

Завршувам со благодарност кон Бога за вас и вашата неизмерна работа. Со поттик со срце и мудрост да им служите на потребните и според вашето служење, посакувам за Божик кај сите нас да наврати светото Семејство и Исус повторно и повторно се роди во нашите срца, што е и смислата на празнувањето на Божик. Нека ви е со среќа и благослов!

к.мк

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот