Генералниот секретар на ОН повикува на прекин на верски мотивираното насилство

Генералниот секретар на ОН повикува на прекин на верски мотивираното насилство

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повика на прекин на насилството врз поединци и групи врз основа на нивната вероисповед и светоглед. Политичките и верските лидери имаат задача недвосмислено да ги осудат изјавите на омраза и на тој начин јасно да стават до знаење дека насилството не може да биде одговор, рече Гутереш.

„Мораме итно да се бориме против ова зло“, рече Гутереш во пораката објавена од Обединетите нации по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на насилство заради вероисповед или уверување, кој се одбележува на 22 август.

Генералниот секретар на ОН испрати јасни пораки до владите да ги заштитат луѓето и светите места. Треба да „донесат сеопфатни закони против дискриминацијата и да инвестираат во образовни иницијативи кои промовираат инклузија и еднаквост“, рече генералниот секретар н Он. Тој, исто така, се осврна на омразата што се поттикнува на интернет, барајќи од дигиталните платформи да постават насоки што одговараат на меѓународните норми за човекови права.

Во исто време, Гутереш апелира за ненасилство: „Мораме да работиме заедно за да се спротивставиме на нападите на омраза и да поттикнеме толеранција, меѓусебно разбирање и почит“, рече тој.

Неопходно е да се создаде свет „во кој секој човек, без разлика на неговата вероисповед или светоглед, ќе може да живее слободен од страв, стигматизација и прогон“, рече Гутереш.

Обединетите нации го прогласија 22 август за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на насилство заради вероисповед или уверување. Тој ден е воведен за да се предупреди на растечкото прогонство на луѓето врз основа на нивните верски убедувања.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот