Генерална аудиенција: „Црквата е тајна која стана видлива“

Генерална аудиенција: „Црквата е тајна која стана видлива“

За време на Генералната аудиенција во среда 18 февруари 2026 година, папата Лав XIV продолжиа со размислување за Догматската конституција на Вториот ватикански собор Lumen gentium, нагласувајќи дека Црквата „е тајна која стана видлива“.

„Црквата е тајната што стана видлива“, рече папата Лав XIV на Генералната аудиенција во среда, на Пепелница, продолжувајќи го циклусот катехези за Вториот ватикански собор.

Оваа седмица тој се задржа на Догматската конституција Lumen gentium, откако во изминатите седмици размислуваше за конституцијата Dei Verbum за Божјото Откровение, која Папата ја нарече „еден од најубавите и најважните“ соборски документи.

Папата потсети дека досегашните катехези се осврнувале на различни аспекти на Божјото Откровение. Посебно, рече тој, видовме како Бог избрал да се објави, откривајќи ја тајната на својот божествен план полна со љубов, да ги соедини сите луѓе со Себе преку Својот Син, Исус Христос.

Токму во рамките на оваа тајна, нагласи Папата, може да се разберат и потеклото и мисијата на Црквата.

Lumen gentium и тајната на Црквата

Кога Вториот ватикански собор сакал да ја опише Црквата, потсети папата Лав, најнапред требало да објасни од каде произлегува таа. „За да го направи тоа“, рече тој, „во Догматската конституција Lumen gentium, усвоена на 21 ноември 1964 година, го презеде од писмата на свети Павле токму зборот  ‘тајна’.“

Со изборот на овој збор, појасни Папата, Соборот не сакал да каже дека Црквата е нешто нејасно или неразбирливо, како што често се мисли кога ќе се слушне зборот „тајна“. Напротив, рече тој, кај свети Павле, особено во Посланието до Ефесјаните, „тајната“ означува стварност што некогаш била скриена, а сега е откриена.

Светиот Отец истакна дека станува збор за Божјиот план што има цел: „да ги обедини сите созданија благодарение на помирувачкото дело на Исус Христос“, дело што се исполнило во Неговата смрт на крстот.

Папата додаде дека тоа најнапред се доживува во собранието што се собира на литургиското славење. Таму, рече тој, разликите се ставаат во вистинска мера, а она што е најважно е да се биде заедно, затоа што нè привлекува Христовата љубов, љубов што го урнала ѕидот на разделба меѓу луѓето и општествените групи.

Христос ја надминува поделбата

За свети Павле, потсети папата Лав, „тајната“ е пројавување на она што Бог сакал да го оствари за целото човештво, и тоа станува препознатливо во локални искуства што постепено се прошируваат за да ги опфатат сите луѓе, па дури и космосот.

„Состојбата на човештвото“, рече Светиот Отец, „е состојба на распарчување што човекот не може да ја поправи, иако стремежот кон единство живее во неговото срце.“

Сепак, рече Петровиот наследник со восхит, делувањето на Исус Христос влегува во таа состојба со силата на Светиот Дух и ги надминува силите на разделување.

Кога се собираме да славиме и веруваме во навестувањето на Евангелието, објасни Папата, тоа се доживува како привлечност што доаѓа од Христовиот крст, врвниот израз на Божјата љубов. Тоа е чувство дека сме собрани од Бог. Затоа се употребува поимот ekklesía, односно собрание на луѓе што признаваат дека се повикани заедно.

Оттука, нагласи тој, постои длабока поврзаност меѓу тајната и Црквата: „Црквата е тајната што станала видлива.“

Знак и орудие

Во ова светло, Светиот Отец размислуваше за Црквата како за знак и како за орудие на Божјиот план на спасение.

Црквата е „знак“, рече тој, затоа што заедницата ја прави видлива за светот денес единственоста воспоставена од Христос преку Неговиот Крст и Воскресение. Таа е и „орудие“, затоа што преку Црквата Бог ја остварува својата цел: да ги соедини луѓето со Себе и да ги собере едни со други.

Папата Лав XIV заврши со поттик: додека одиме низ свет што сè уште е обележан со поделби, да Го молиме Господ да ја води Својата Црква во мисијата на осветување и помирување.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот