Генерална аудиенција:Нашите средства за комуникација нека исцелуваат и да не вознемируваат

За време на Генералната аудиенција во среда, 30 јули 2025 година, папата Лав ги охрабри верниците да научат правилно да зборуваат, користејќи зборови што лекуваат и не повредуваат.
Во среда заврши серија катехези на папата Лав XIV посветени на јавниот живот на Исус, кој Папата го опиша како исполнет со средби, параболи и исцелувања.
Обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“, Светиот Отец го насочи вниманието кон сегашноста, истакнувајќи: „Ова време во кое живееме има потреба од исцелување“.
Папата Лав го опиша денешниот свет како обележан со „клима на насилство и омраза“ што длабоко го повредува човечкото достоинство. Нашето општество, рече тој, страда од своевидна преоптовареност. „Хиперповрзани сме“, рече Папата, „бомбардирани со слики, понекогаш лажни или искривени“. Социјалните мрежи, предупреди тој, создадоа состојба на емоционална „булимија“, каде прекумерната количина информации остава чувство на исцрпеност и збунетост.
Во таков контекст, многумина се чувствуваат во искушение да се затворат, продолжи Папата. „Можеби дури и претпочитаме да не чувствуваме ништо“, рече тој, забележувајќи дека самите зборови стануваат сè почувствителни и покревки.
Црквата — придружничка на другите
Имајќи го сето тоа предвид, папата Лав го претстави евангелското читање според свети Марко, во кое се зборува за исцелувањето на човек што бил глув и нем. Тој човек не бара сам исцеление— го доведуваат други пред Исус. Тие луѓе, истакна Папата, можат да се разберат како слика на Црквата — оние кои ги придружуваат другите, особено кога не можат да зборуваат или да слушаат.
Кога го сретнал Исус, човекот повторно проговорил. Тој детал, подвлече Папата, открива подлабока вистина: можеби човекот молчел затоа што не знаел да зборува или не се чувствувал достоен. Колку често, запраша Папата, замолчуваме затоа што чувствуваме дека не сме разбрани?
Во завршното обраќање, Папата потсети дека вистинската комуникација не е само средство за делотворност, туку и простор на лекување — начин да не ги повредуваме другите со нашите зборови. „Правилното зборување е почеток на едно патување“, рече тој. Тоа патување води кон Христос, преку Неговите страдања и преку Крстот.
„Да го молиме Господ“, заклучи Папата, „да го исцели начинот на нашата комуникација и да ѝ помогне на Црквата да остане простор каде секој човек може да го слушне Неговптп Слово, да биде исцелен и да стане гласник на Неговото спасение“.
Ватикан њуз/к.мк