Генерална аудеинција: За да го спознаеме Бога, мора да ја прифатиме целосната човечност на Исус

Генерална аудеинција: За да го спознаеме Бога, мора да ја прифатиме целосната човечност на Исус

На Генералната аудиенција, во среда 21 јануари 2026 година, папата Лав XIV го продолжи своето размислување за соборската конституција „Dei Verbum“, поттикнувајќи да не го гледаме Христос како канал за пренесување на интелектуални концепти, туку да ја препознаеме вистината за Бога преку Неговата чувствителност и Неговото восприемање на реалноста.

Папата Лав XIV ја продолжи својата серија катехези за Догматската конституција Dei Verbum од Вториот ватикански собор – за божественото Откровение. Тој рече дека Бог се открива во дијалогот на заветот, во кој ни се обраќа како на пријатели, и додаде:

Тоа е релационо знаење кое не само што пренесува идеи, туку и споделува историја и повикува на заедништво во заемност. Исполнувањето на ова откровение се остварува во историска и лична средба во која самиот Бог ни се дарува, станувајќи присутен, и откриваме дека сме препознати во нашата најдлабока вистина. Ова се случи во Исус Христос. Во документот се вели: „Интимната вистина, и за Бога и за спасението на човекот, свети за нас во Христос, кој е и посредник и полнота на целото откровение“.

До целосното познание на Бога доаѓаме преку силата на делувањето на Духот, влегувајќи во односот на Синот со својот Отец. Всушност, во Христос Бог ни се соопшти себеси и, во исто време, ни го открива нашиот вистински идентитет како деца, создадени по слика на Словото – нагласи Светиот Отец и продолжи:

Исус Христос е местото каде што ја препознаваме вистината за Бог Отецот, а во исто време откриваме дека сме препознаени од него како деца во Синот, повикани на истата судбина на полнота на животот. Токму затоа што воплотеното Слово кое живее меѓу луѓето, ни го открива Бога во својата вистинска и целосна човечност.

Папата исто така нагласи дека за да го спознаеме Бога во Христос, мора да ја прифатиме неговата целосна човечност:

Вистината за Бога не е целосно откриена таму каде што нешто е одземено од човечноста, исто како што комплетноста на Исусовата човечност не ја намалува полнотата на божествениот дар. Токму комплетноста на Исусовата човечност ни ја открива вистината за Отецот.

Не само смртта и воскресението на Исус нè спасуваат и нè зближуваат, туку и самата Негова личност: Господ кој се воплотува, се раѓа, лекува, учи, страда, умира, воскреснува и останува меѓу нас – објасни Римскиот епископ, додавајќи:

Затоа, за да се покаже почит кон величината на Воплотувањето, не е доволно да се гледа Исус како канал за пренесување на интелектуални вистини. Ако Исус има вистинско тело, пренесувањето на вистината за Бога се остварува во тоа тело, на неговиот начин на восприемање и чувствување на реалноста, на неговиот начин на живеење во светот и минување низ него.

Браќа и сестри, следејќи го Исусовиот пат до крај, доаѓаме до сигурноста дека ништо нема да може да нè одвои од Божјата љубов: благодарение на Исус, христијанинот го познава Бог Отецот и му се доверува – ја заврши Светиот Отец денешната катехеза.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот