Во Струмица свечено прославен празникот Раѓање на свети Иван Крстител

Во Струмица свечено прославен празникот Раѓање на свети Иван Крстител

На празникот „Раѓање на свети Иван Крстител“ во понеделник 7 јули 2025 година, во истоимената црква во Струмица, Неговото Високопреосвештенство монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света архиерејска Литургија, по повод патрониот празник.

Со епископот Стојанов сослужуваа деканот на деканатот Свети Кирил и Методиј, отец д-р Зоран И. Стојанов, парохот отец Гоце Костов, парохот во Богданци отец Тома Ангелов, парохот во Сарај и Чанаклија отец Ванчо Назов, капеланот отец Трајче Ташев и капеланот во Радово отец Атанас Сирачев.

Покрај верниот народ од парохијата и околните парохии на свеченоста присуствуваа и сестри Евхаристинки од Скопје, Струмица, Радово и Нова Маала.

Во јубилејната 2025 година, за време на прославата на патрониот празник на парохијата посветена на свeти Иван Крстител, епископот д-р Киро Стојанов упати слово во кое ја потенцираше важноста на христијанскиот идентитет, истакнувајќи дека да се биде христијанин значи тоа да се покаже преку зборови, дела, односи и начинот на живеење.

Свети Иван Крстител е избран од Бог за посебна мисија, но не само за себе – тој стана пат што води кон Христос. Неговата величина е во тоа што ја знаел вистината за себе: знаел дека не е Христос. И само тој што ја прифаќа вистината за својата ограниченост, може да го сретне Бог. Затоа е важно да признаеме дека не можеме сè сами, дека ни треба милост и дека Бог може да не допре токму во таа наша слабост.

Во проповедта тој зборуваше и за духовните искушенија на луѓето кои живеат во минатото, не можат да простат – ниту на другите, ниту на себе. Неможноста да се прости не е никаква понизност или скромност, туку дух на гордост.(…). Потсети дека Бог простува и е милосрден и да не дозволуваме да бидеме заложници на отровот непростување.

Посебно внимание беше посветено на улогата на родителите: да ја препознаат оригиналноста на децата, а не да ги споредуваат или притискаат со сопствени амбиции. Вистинската среќа и успех се во верноста на посланието што Бог го дава, а не во човечките признанија.

Понатаму епископот Стојанов рече: Ова е моментот во кој ние денес го наоѓаме Бога. Словото што го слушнавме нè охрабрува да се сретнеме со Бога. И ова потоа бара од нас можност и обврска да излеземе во светот и, како Иван, да бидеме оние што го подготвуваат патот за Господ кој сака да дојде. Прашањето секогаш останува, за секоја Света Литургија и за секоја средба што ја имаме: Дали јас сум патот по кој Исус доаѓа на овој свет?

Проповедта ја заврши со зборовите: Бог ветил само две работи – дека ќе нè научи да љубиме и дека сака преку нас да биде прославен. Тој не ни ветил дека никогаш нема да бидеме болни. Тој не ни ветил дека во нашиот живот ќе оди сѐ како што сме замислувале. Тој не ни ветил дека нема да имаме тешкотии. Тој не ни ветил ништо. Тој ни рекол, земете го вашиот крст. Ќе ве научам да љубите и ќе ве научам како да бидете прославени. Пораката е јасна: храбро да ја извршуваме мисијата на која Бог нè повикал. Така, како што и свети Иван Крстител ја изврши својата. Амин.

Потоа следуваа молитви по накана на Светиот Отец за добивање потполн опрост.

На крајот од свеченоста по повод 10. годишнината од основањето на црковниот одбор на одборниците им ја подари монографијата „25 години епископство на монсињор д-р Киро Стојанов“, со посвета во која им се заблагодарува за нивното служење на Црквата, посакувајќи Божји благослов на нив и нивните семејства.

По завршувањето на светата Литургија во дворот на црквата верниците се задржаа во заедништво и разговор.

На свеченоста претходеше Деветница и свечена Вечерна, а во трите последни денови на Деветницата присутните верници имаа можност да се помолат пред моштите од втор ред на слугинката Божја сестра Луција, Света Мајка Тереза и блажениот Карло Акутис, кој на 7 септември оваа година ќе биде прогласен за светец.

к.мк

Фотографии

Категорија: Вести, Македонија

За авторот