Во Скопје се одржа редовен свештенички состанок

Во Скопје се одржа редовен свештенички состанок

На 8 октомври 2026 година, во просториите на Епископската резиденција на Водно во Скопје, се одржа редовен свештенички состанок со кој претседаваше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов. На состанокот учествуваа свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.

Средбата започна со заедничка молитва, по што епископот Стојанов го претстави дневниот ред. Потоа беше усвоен записникот од претходниот свештенички состанок.

Во продолжение епископот Стојанов се осврна на претстојната Мисиска недела и на нејзиното значење за животот и посланието на Црквата. Тој ја претстави пораката на Светиот Отец по повод 100. Светски ден на мисиите и даде конкретни насоки за пасторалното одбележување на Мисиската недела во парохиските заедници.

Една од точките на дневниот ред беше посветена на изборот на предвидените епархиски и бискупски тела согласно одредбите на Кодексот на канонското право и Кодексот на каноните на Источните Цркви.

Епископот Стојанов ги претстави и заедничките пасторални активности што се планирани во Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија во претстојниот период, со посебен осврт на активностите што бараат заедничко учество и координација на свештениците.

На состанокот беше разгледана и издавачката дејност. Беа претставени Партикуларното право и Типикот за 2027 година, а беше најавено и скорешното излегување од печат на Директориумот, како и на други изданија кои во моментов се подготвуваат.

Свештениците беа информирани и за тековните и претстојните активности на Македонски Каритас и Радио Марија Македонија и Католици.мк, како важни црковни дела во областа на милосрдието, социјалното служење, евангелизацијата и медиумското послание.

Во завршниот дел од состанокот беа разгледани конкретни прашања од литургиската и пасторалната природа, како и други теми поврзани со животот и делувањето на парохиските заедници.

Редовните свештенички состаноци претставуваат можност за заедничко разгледување на пасторалните предизвици, усогласување на активностите и продлабочување на свештеничкото заедништво во Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот