Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави програмата за пасторалната посета што папата Лав XIV ќе ја оствари во Република Сан Марино и во Римини на 22 август.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол, во среда 12 август 2026 година, ја објави официјалната програма за пасторалната посета на папата Лав XIV, предвидена за 22 август.
Станува збор за кратка, но богата програма, која ќе го поведе Папата во Република Сан Марино и во Римини. Меѓу станиците е и посетата на „Средбата за пријателство меѓу народите“, традиционален собир организиран од движењето „Заедништво и слобода“ во градот Римини, во италијанскиот регион Емилија-Ромања.
Овогодишната средба ќе се одржи од 21 до 26 август, под наслов: „Љубовта што го движи сонцето и другите ѕвезди“.
Сан Марино: средби со властите и евхаристиско поклонение во базиликата
Папата треба да полета во 8:00 часот наутро од ватиканскиот хелиодром. По околу еден час лет, ќе слета на аеродромот Торачија во Република Сан Марино, од каде што ќе замине на плоштадот „Пјаца дела Либерта“.
Во Јавната палата ќе се сретне со државните секретари, по што ќе следи приватна средба со капетаните-регенти во Салата на Советот на Дванаесеттемина. Таму Папата ќе се потпише во Книгата на истакнати гости.
Во 10:40 часот ќе се сретне со членовите на Големиот и општ совет во Салата на Советот. Потоа, од централниот балкон на Јавната палата, Светиот Отец ќе ги поздрави присутните на плоштадот и ќе им го даде својот апостолски благослов.
Потоа ќе замине во базиликата „Свети Марин“, каде што ќе биде пречекан од епископот Доменико Беневенти, епископ на Сан Марино-Монтефелтро, и од ректорот, отец Марко Мацанти.
Таму ќе има евхаристиско поклонение, како и почитување на моштите на свети Марин, во присуство на свештеници, посветени лица и претставници на црковниот живот на епархијата.
Во 12:15 часот, Папата ќе ги поздрави верниците на плоштадот и ќе се збогува со властите.
Приватна посета на августинските монахињи во Пенабили
Во строго приватен карактер, папата Лав XIV ќе ја посети и заедницата на августинските монахињи во манастирот „Свети Антониј Падовански“ во Пенабили.
За време на Втората светска војна, монахињите на злосторствата на војната одговориле со отворање на своите врати за две заедници на монахињи кои Германците имале намера да ги депортираат во Германија, како и за млади девојки од семејства раселени од Римини.
Денес заедницата ја сочинуваат 11 монахињи со вечни завети, две со привремени завети и една искушеничка.
Роберт Ф. Превост, тогашен генерален приор на Редот на свети Августин, во ноември 2012 година го одобрил преместувањето на четири монахињи од августинскиот манастир Лечето во Сиена во Пенабили, со што присуството на овие контемплативни жени во ова подрачје станало уште позначајно.
Римини: изложби, средба со сиромашните и света Литургија на пристаништето
Папскиот хеликоптер треба да слета во Експо центарот во Римини во 14:45 часот.
Папата ќе посети две изложби: едната посветена на свети Августин, а другата на Леон Армел. Ќе го посети Детското село, каде што ќе ги поздрави учесниците на Средбата.
Потоа, во 16:00 часот, ќе следи средба во Големиот аудиториум.
Се очекува папата Лав XIV да пристигне во катедралата во Римини во 17:30 часот, каде што ќе се сретне со болни лица, лица со попреченост и луѓе што живеат во сиромаштија, на кои им помага Каритас.
Потоа ќе замине на пристанишниот плоштад, каде што во 18:30 часот ќе ја предводи светата Литургија.
Посетата ќе заврши во 20:00 часот, а во 21:00 часот Папата ќе се врати во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк

