Божиќна честитка од Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

Божиќна честитка од Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

„Од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат“, вели свети Иван Евангелист во прологот на своето Евангелие. Бог го создаде универзумот и целиот свет. Тој, исто така, го создаде човекот како свој пријател и му ја довери грижата за целиот свет и целото создание да управува со него мудро и праведно. Но, човекот не се однесува секогаш како оној кој верува дека Бог му е пријател, па затоа како разиграно дете се препушта на своите лудости и ароганција. Поради тоа го губи највредното нешто што го има, а тоа е пријателството со Бога.

Човекот едноставно дозволи да биде убеден од застрашувачката змија (сатаната) дека Бог не му е пријател, па се оддалечил од Бога и му се приклонил на овој искушувач, надуеност, грев и зло. Најлошото во сѐ што се случи е што после тоа човекот не знаел сам да ја поправи штетата и го изгубил ова големо богатство, пријателството со Бога. А кога по овој чин ги започнал своите историски заобиколувања, започнува и неговиот егзилски пат низ историјата. Тој пат е обележан со потоци крв и солзи уште од времето на Каин.

Меѓутоа, и покрај сè, Бог останува верен на своите ветувања и неговата љубов трае вечно. Тој не го остави човекот, туку го следеше по тој пат на егзил, да го бара и пронајде изгубениот човек. И кога се исполнило времето, тој се наведнува кон човекот, брза да го пречека за да го спаси и да му го врати првобитното достоинство што го изгубил. Уште повеќе, Бог зема човечка природа и станува човек во својот Син Исус Христос за да нè облече во неговата божественост.

Бог чудесно нè создаде како свои пријатели, а уште повеќе чудесно нè откупи. Ова е нашата среќа и нашата радост. Оваа радост се манифестира во празнувањето на Божиќните празници. И додека сме среќни со чинот на Божјата љубов, во молитвите и мислите ги носиме нашите браќа и сестри кои ќе бидат во немир за време на овие празници поради воените настани, особено во Украина. Го молиме Миротворецот, Господ Бог, да им даде мир на сите луѓе, кога веќе не сме способни да направиме сами нешто за оваа наша Земја.

На сите им посакувам среќен Божиќ и благословена Нова Година!

+Киро,

Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

Категорија: Вести, Македонија

За авторот