Бискупот Стојанов на Цветници служеше света Литургија во скопската катедрала и го посети Велигденскиот саем

На празникот Цветници, во недела 29 март 2026 , Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Со бискупот сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, провинцијалот на Хрватската покраина на Дружбата Исусова патер Себастијан Шујевиќ, и директорот на Радио Марија протојереј отец Гоце Костов.
Во својата проповед бискупот Стојанов се осврна на значењето на празникот Цветници, потсетувајќи на свеченото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим. Тој ги повика верниците, преку Светите Тајни на Црквата, духовно да се подготват за влегувањето во Страсната седмица, но и да размислуваат за Христовото страдање, смртта и славното Воскресение.
Пред почетокот на светата Литургија се одржа процесија околу катедралата, во која учествуваа верниците, потсетувајќи се на Христовото влегување во Ерусалим.
По завршувањето на светата Литургија, бискупот во придружба на директорот на Македонски Каритас го посети Велигденскиот саем, што го организираше Македонски Каритас во дворот на катедралата.
к.мк

