По повод празникот Свети Игнатиј Лојолски, основател на отците Исусовци, бискупот Стојанов служеше света Литургија во четврток 31 јули 2025 година, во Скопската катедрала. Од 2022 година оо. Исусовци повторно ја водат скопската парохиска заедница. Со бискупот Стојанов солужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ, катедралниот капелан патер Томисалв Рукавина и бискупскиот канцелар протојереј ставрофор отец Марјан Ристов.
Во својата проповед бискупот Стојанов рече: „Под мудрото водство на свети Игнатиј, Општеството се раширило не само низ цела Европа, туку Фрањо Ксаверски и неговите мисионери го однеле и на Далечниот Исток.
Свети Игнатиј посебно ја нагласил потребата од молитва: сите потфати и активности треба да се започнат со молитва и да се продлабочи духовниот живот. А првобитната мисла и мотото на светиИгнатиј гласи: „Сè за поголема Божја слава“.
Со молитвата во која се соединуваме со Бога, и со преданоста во Божјата волја со нашиот живот и постапки овде на земјата го славиме нашиот Творец и со право можеме да очекуваме дека тој ќе не прослави и нас во своето Царство, истакна бискуп Стојанов
Во продолжение бискупот Стојанов го постави прашањето: Што нас во Македонија нé поврзува со Општеството на оо. Исусовци? Често пати и со гордост зборуваме за о. Јамбрековиќ и Исусовците во времето на детството на света Мајка Тереза. Да не беа оо. Исусовци во тоа време дали света Мајка Тереза ќе се запознаеше со мисионерскиот живот…
Отците Исусовци, на почетоткот од 20 столетие, дејствуваа во Македонија и во втората половина од 20 век, а потоа од 2003 година го презедоа Пасторалниот центар во Охрид до 2010 година. Верувам дека сите вие добро се сеќавате на сега веќе покојните патер Стјепан Кушан и патер Сречко Цетиниќ, кои оставија неизбришлив траг овде во Македонија и повторното нивно доаѓање во 2022 година, кога дојдоа, овде присутниот и неуморен парох, о. Винко и о. Марјан, кој сега дејствува во Дубровник, а на негово место дојде о. Томислав.
Почитувани о. Винко и о. Томислав, моите искрени честитки но и мојата благодарност до вас за вашето неуморно дејствување за доброто на оваа наша парохиска заедница и оваа месна црква. Нека оваа ваша мисија по застапништвото на вашиот основател свети Игнатије и Божјиот благослов, биде плодоносна за општо добро на сите нас, а ние драги верници да ги пратиме во нашите молитви – рече бискупот Стојанов.
к.мк