Апостолскиот нунциј Суријани ги предаде акредативните писма на претседателот Пендаровски

Апостолскиот нунциј Суријани ги предаде акредативните писма на претседателот Пендаровски

Апостолскиот нунциј во Македонија насбискупот Лучано Суријани во претседателската вила на Водно, на 27 јули 2022 година, ги предаде акредативните писма на претседателот Стево Пендаровски.

На свечената церемонија Апостолскиот нунциј Суријани изрази задоволство за почетокот на мисијата во Македонија.

„Од моја страна ќе се вложам целосно да ги зајакнам и продлабочам веќе добро етаблираните односи што ги имаме помеѓу Светиот Престол и Република Северна Македонија“, рече Апостолскиот нунциј Суријани во своето обраќање.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски изрази задоволството од успешниот развој на билатералните односи меѓу Македонија и Светиот Престол, оценувајќи ги како одраз на меѓусебно разбирање и искрена почит, реафирмирани за време на посетата на Неговата Светост, Папата Фрањо, во мај 2019 година.

Претседателот Пендаровски на надбискупот Суријани му посака успешно извршување на одговорната функција.

Кратка биографија на монс. Лучано Суријани

Лучано Суријани е роден во 1957 година во Атеса, Кјети. За свештеник е ракоположен на 5 август 1981 година. Инкардиниран е во бискупијата Киети-Васто.

Во 1986 година е примен на Папската црковна академија, а во 1990 година докторира по Канонско право на Папскиот универзитет Латеран. Во дипломатската служба на Светиот Престол стапува на 1 јуни 1990 година и работел во Папските дипломатски претставништва во Брегот на Слоновата Коска, Швајцарија, Одделението за односи со државите при Државниот секретаријат и Нунцијатурата во Италија, кога е унапреден во советник. Освен италијански зборува шпански, француски и англиски јазик.

На 22 февруари 2008 година, папата Бенедикт XVI го именува за Апостолски нунциј во Боливија и титуларен надбискуп на Амитерно, а на 26 април 2008 година од кардинал Тарцисио Бертоне е хиротонисан за бискуп. По деветмесечната служба како Апостолски нунциј во Боливија, на 24 септември 2009 година, Суријани е именуван на висока позиција во Државниот секретаријат на Светиот Престол. Како делегат на Папските претставници, тој е одговорен за координирање на работите на дипломатите на Светиот Престол. На 7 декември 2015 година, папата Фрањо го именува за Апостолски нунциј во Србија, а на 13 мај 2022 година, папата Фрањо го именува за нунциј во Бугарија.

к.мк/Фото:pretsedatel.mk

Категорија: Вести, Македонија

За авторот