Во својот пладневен говор пред молитвата Ангел Господов во последната недела од годината, Папата нагласи дека светот, за жал, секогаш има свои Ироди, со последици на осаменост, очај, поделби и конфликти. Тој зборуваше за тврдокорното срце, кое уште повеќе ја истакнува важноста, присутноста и посланието на Светото Семејство, кое, во деспотскиот и алчен свет е гнездо и лулка на единствениот можен одговор на спасението: оној на Бога.
„Во светлината на раѓањето Господово, да продолжиме да молиме за мир.“
На празникот на Светото семејство, 28 декември 2025 година, по молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, папата Лав XIV ги повика верниците да се молат за семејствата што страдаат поради војните. Тој е особено загрижен за најранливите: За децата, старите и најслабите. Да се довериме заедно на застапништвото на Светото Назаретско семејство.
Во својата катехеза, Светиот Отец се осврна на темата на неделната Литургија, бегството во Египет, за кое зборува Матеј. Тоа е време на искушение за Исус, Марија и Јосиф кое фрла вознемирувачка сенка на смртоносната закана врз прекрасната слика за раѓањето на Спасителот. Животот на Ирод бил мачен, тој бил суров и крволочен човек, сеел страв поради својата суровост – потсети Папата, додавајќи: Токму поради оваа причина тој беше многу осамен и опседнат од страв да не го изгуби престолот.
Радоста на Божиќ, искривено ехо на заканата од Ирод
Наредбата да се убијат сите деца на Исусова возраст била плод на тврдото срце на Ирод.
Во неговото царство, Бог го прави најголемото чудо во историјата, во кое се исполнуваат сите древни ветувања за спасение, но тој не успева да го види тоа, заслепен од стравот да не го изгуби својот престол, своето богатство, своите привилегии. Во Витлеем има светлина, има радост: некои пастири го прифатија небесното благовестие и го фалеле Бога пред јаслите (сп. Лука 2, 8-20), но ништо од ова не успева да ја пробие камената заштита на царската палата, а тука е и искривено ехо на закана што мора да се потисне со слепо насилство.
Светото семејство е гнездо на спасението
Пламенот на семејната љубов е она што Јосиф успева да го зачува спасувајќи ја Свршеницсѕа и Младенецот, изворот на искупување за целиот свет, ако неговите очи и срце се отворени. Додека размислуваме за ова таинство со восхит и благодарност, да мислиме на нашите семејства и на светлината што и тие можат да ја донесат во општеството во кое живееме – рече Папата, додавајќи:
Токму оваа тврдост на срцето уште повеќе ја истакнува вредноста на присуството и посланието на Светото Семејство. Во еден деспотски и алчен свет претставен од тиранинот, тоа е гнездо и лулка на единствениот можен одговор за спасение: оној Божјиот, кој, целосно им се дава на луѓето без резерва или услови.
Не дозволувајте илузиите за моќ да ги задушуваат христијанските семејства
Потоа папата Лав XIV им се обрати на денешните семејства. Неговите зборови се сериозно предупредување. Тој охрабри да ги зачуваме евангелските вредности: молитва, редовно учество во таинствата – особено во исповедта и причеста, здрави односи, искрен дијалог, верност. Тој исто така охрабри едноставна конкретност на зборовите и добрите дела секој ден. Ова е секојдневието што мора да се негува како противотров на силите на „тираните“ и современите лажни митови:
Светот, за жал, секогаш има свои „Ироди“, свои митови за успех по секоја цена, бескрупулозна моќ, празен и површен просперитет, а нивните последици честопати се плаќаат со осаменост, очај, поделби и конфликти. Да не дозволиме овие илузии да го изгаснат пламенот на љубовта во христијанските семејства.
Ватикан њуз/к.мк

