На молитвата Ангел Господов, на празникот на светите Петар и Павле, папата Лав XIV истакна дека светите апостоли биле многу различни по карактер и воспитување, но Светиот Дух ги довел до единство за доброто на Црквата.
Папата Лав XIV во понеделник, 29 јуни 2026 година, ја молеше молитвата Ангел Господов со верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“, на празникот на светите апостоли Петар и Павле.
На големата римска жештина, Папата рече дека овој празник потсетува на врската што ја обединува Римската црква со сите други Цркви низ светот, во заедништво на вера и љубов.
Папата Лав истакна дека мачеништвото на светите Петар и Павле во Рим дејствува како печат на Новиот Завет, откривајќи ја длабочината на Божјата љубов во Исус Христос.
„Преку нивното слово и нивното мачеништво“, рече тој, „Евангелието Христово, така да се каже, пуштило корен во Рим, откривајќи токму овде, во главниот град на империјата, своја сила да обновува преку ново познавање на Бога и на бескрајното достоинство на секое човечко суштество, како и ново разбирање на власта, не како владеење, туку како служење на човечкиот живот.“
Исусовиот повик да Го следиме, рече Папата, и денес одекнува од главните градови до најоддалечените краишта, преку оние што избрале да одговорат на Неговиот повик.
Славејќи ги Петар и Павле, ние го преземаме својот дел во Исусовата мисија, бидејќи Божјата благодат свети во нашиот живот кога живееме како несовршени, но грешници на кои и м е простено.
Потоа папата Лав XIV се осврна на разликите меѓу Петар и Павле како луѓе
„Тие се разликуваа по потекло, воспитување и карактер, не само пред, туку и по нивниот повик, бидејќи единиот Господ не ги направи исти“, рече тој.
Преку своите различности, Петар и Павле го навестуваа Евангелието со свои препознатливи гласови, што самото Евангелие го истакнува како суштински дел од Радосната вест.
„Во Апостолскиот колегиум, Петар и Павле не беа противници“, рече Папата. „Напротив, во извесна смисла тие станаа симбол на многуте други различности што еден Дух ги обединува во една целина.“
Двајцата заштитници на Рим, додаде тој, ги искусиле предизвиците на заедништвото, но сепак му служеле и го навестувале како света Тајна на божествениот живот.
„Нивното сведоштво“, рече Папата, „решавачки придонесе христијанското присуство во историјата да не биде насочено кон владеење, туку кон служење, единство и помирување.“
На крајот, папата Лав XIV се помоли застапништвото на светите Петар и Павле да ѝ помогне на Црквата да ја препознае својата католичност, односно универзалното единство во различноста.
Нека Црквата, заклучи тој, „ја препознае својата вредност во поттикнувањето братска средба меѓу луѓето и народите, за да се избегне сè што го нагризува или повредува заедништвото, и да се истрае на екуменскиот пат и во внимателен и искрен дијалог со сите.“
Ватикан њуз/к.мк

