Ангел Господов: Господ секогаш нè слуша, да продолжиме да се молиме со доверба

Ангел Господов: Господ секогаш нè слуша, да продолжиме да се молиме со доверба

Во својата пладневна проповед пред молитвата Ангел Господов, во недела 27 јули 2025 година, Папата ја нагласи важноста на довербата во Бога, Кој го користи мудрост што го надминува нашето сфаќање. Тој истакна: „Не е можно да Му се молиме на Бога како на Отец, а потоа да бидеме груби и нечувствителни кон другите.“

Папата Лав XIV, во својата катехеза пред молитвата Ангел Господов, зборуваше за евангелскиот пасус каде Исус ги учи учениците на молитвата „Оче наш“ — молитва која ги обединува сите христијани — во која Господ нè повикува да Му се обраќаме на Бога како на деца, нарекувајќи Го „Ава“, што значи „Татко“.

Тој додаде дека и други слики од Евангелието ги опишуваат карактеристиките на Божјото татковство, на пример човек кој во сред ноќ станува за да му помогне на пријател да угости ненадеен посетител, или родител кој се грижи да им обезбеди добри дарови на своите деца.

Овие слики потсетуваат дека Бог никогаш не ни го врти грбот кога Му се обраќаме, дури и ако доцна чукаме на Неговата врата — можеби поради грешки, пропуштени можности или неуспеси; дури и ако за да нè прими, мора да ги „разбуди“ своите деца што спијат во куќата.

Светиот Отец нагласи дека во големото семејство на Црквата, Отецот нè повикува сите да станеме учесници во секој чин на Неговата љубов.

Господ секогаш нè слуша кога се молиме, и ако понекогаш ни одговара на начини што ни се тешки за разбирање, тоа е затоа што постапува со мудрост и промисла поголема од нашето знаење. Затоа, и во овие моменти, да продолжиме да се молиме со доверба: во Него секогаш ќе најдеме светлина и сила.

„Молејќи се „Оче наш“, покрај тоа што ја славиме благодатта на божественото посиновување, ја изразуваме и обврската да одговориме на тој дар со љубов кон ближните како браќа во Христа“, додаде Папата, потсетувајќи на зборовите на Свети Иван Златоуст, еден од големите црковни отци:

„Не може да се нарекува Бог, Кој е совршена добрина, Татко ако се задржи сурово и нечовечко срце; тогаш во себе нема одраз од добрината на Небесниот Татко. Молитвата кон Бога како Татко бара да се биде мек и чувствителен кон другите. Добрината, трпението и милоста Божја преобразуваат, за да можеме како огледало да го одразиме Неговото лице во нашиот живот.“

„Драги браќа и сестри, денешната литургија нè повикува да се чувствуваме сакани во молитвата и љубовта и да сакаме како што Бог нè сака — со достапност, дискреција и меѓусебна грижа, без калкулации. Да ја молиме Пресвета Богородица Марија да ни помогне да одговориме на овој повик, за да ја покажеме нежноста на лицето на Отецот“, заклучи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот