На првиот ден од годината, 1 јануари 2025 година, на празникот на Света Богородица и на денот посветен на мирот, Папата во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов ги посвети своите мисли на сите мајки, а особено на оние чии срца се полни со болка, бидејќи нивните деца се одземени насила, со ароганција, со омраза. Колку е убав мирот!, истакна римскиот бискуп и ги охрабри верниците да размислат и да ја зачуваат тајната на раѓањето и великодушно да се вратат на гестовите на простување и помирување.
Детето Исус, што на хебрејски значи „Бог спасува“ и срцето на Марија, неговата мајка. Тоа е она што го виделе пастирите во Витлеем, а тоа е Детето, но и она што не го виделе, а тоа е срцето на Марија. Ова двојно присуство, овој однос на син и мајка ќе кулминира со болката на крстот, истакна папата Фрањо во своето пладневна обраќање од прозорецот на Апостолската палата на првиот ден од новата година, традиционално посветен на мирот. Своите мисли во размислувањето пред молитвата Ангел Господов Папата ги упати посебно кон сите мајки кои жалат за загубата на своите деца поради насилство, ароганција или омраза.
Исус донесува мир
Папата се фокусираше на бесплатноста на Воплотувањето, настан кој секогаш нè восхитува:
Имено, Господ дојде во светот самиот да ни го дарува неговиот живот. Да размислиме: сите луѓе се деца, но никој од нас не избра да се роди. Бог, напротив, реши да се роди за нас: Исус е објава на неговата вечна љубов, која донесува мир во светот.
Надежта чука во срцето на Марија
Марија е дискретна, но показателите за што размислува во срцето се многубројни, преобразувачки, очигледни: Тоа срце е увото што ја слушнало објавата на Архангел Гаврил; тоа срце е раката на свршеницата дадена на Јосиф; тоа е прегратката на срцето што ја обви Елисавета во нејзината старост. Во срцето на Марија, нашата Мајка, надежта чука; во неа се сместени надежите за откуп и спасение за секое создание.
Колку е убав мирот!
Римскиот бискуп го заврши размислувањето со низа прашања кои сите нас нé охрабруваат за нашата подготвеност за размислување како што направи Марија. Дали знам да останам во тишина и да размислувам за раѓањето на Исус? Како да возвратам на толку голем дар со бесплатен гест на мир, простување, помирување? Папата е убеден дека секој од нас ќе најде што да прави и тоа – како што рече – ќе биде добро.
Денес, на овој прв ден од годината, посветен на мирот, да помислиме на сите мајки кои се радуваат во нивните срца и на сите мајки чии срца се полни со болка затоа што нивните деца биле однесени со насилство, ароганција и омраза. Колку е убав мирот! И колку е нечовечка војната која ги крши срцата на мајките!
Ватикан њуз/к.мк