Ангел Господов: Божјата благодат е дарум дадена и треба да се споделува

Ангел Господов: Божјата благодат е дарум дадена и треба да се споделува

На неделната молитва Ангел Господов, 14 јуни 2026 година, папата Лав XIV потсети на изобилната Божја благодат и на мисијата на секој христијанин да го споделува Христовото простување со сите луѓе.

Папата Лав XIV во недела ја предводеше маријанската молитва Ангел Господов со ходочесниците собрани на плоштадот Свети Петар.

Размислувајќи за неделното Евангелие (Матеј 9,36–10,8), Папата се осврна на Исусовиот поглед, Кој ги виде луѓето „измачени и беспомошни“ и се сожали над нив.

„Синот Божји ги гледа луѓето; Тој го гледа човештвото: го гледа угнетувањето што го оптоварува и насилството што ја одзема силата“, рече Папата. „Ги гледа раните од војната и празнината на потрошувачкиот дух. Гледа лица сведени на маски, семејства растргнати од злото и млади луѓе заведени од лажни идеали.“

Исус нè гледа и нè љуби

Исус нè гледа и нè љуби, истакна Папата, нагласувајќи дека Неговото сочувство е истовремено братска близина и израз на Неговата желба да нè откупи.

Кога видел толку многу луѓе што биле како „овци без пастир“, Исус ги испратил Своите ученици во светот со задача да им ја понудат Божјата утеха на сите што страдаат.

Нашата задача како христијани, рече папата Лав, е да носиме „милосрдие таму каде што има беда, надеж таму каде што има неволја и вера таму каде што има недоверба“.

Евангелието останува живо и ослободително

Папата истакна дека Евангелието ги именува првите дванаесет работници, од Петар до Јуда Искариотски, потсетувајќи дека дури и следбениците на Исус можат да Го предадат.

Сепак, Евангелието останува живо и вистинито Слово, кое ги преминува вековите: секогаш исто, но секогаш младо, свежо и ослободително.

„Кога Евангелието се проповеда и се живее“, рече Папата, „злото се распаѓа како болест што поминува, како ноќ што ѝ отстапува место на зората, како смртта што ја победи Воскреснатиот.“

Дарот на Исус не може да се купи

Погледот на Исус ја преобразува реалноста, исполнувајќи нè со Неговата љубов и водејќи нè да ја продолжиме мисијата на апостолите: да го споделуваме Неговиот бесплатен дар.

„Дарот на Исус е целосно бесплатен, бидејќи неговата вредност ја надминува секоја мерка: невозможно е да се заслужи или да се ‘купи’“, рече Папата. „Оваа благодат е прекрасното име на Божјата милост, која нè бара каде и да сме, за да нè привлече кон Себе.“

На крајот, папата Лав XIV ги охрабри христијаните да го евангелизираат светот преку споделување на Божјото простување, служење на сиромашните и посветеност на правдата.

„Да молиме за помош од Пресвета Богородица, полна со благодат“, рече тој, „за со радост и храброст да одговориме на мисијата на која нè повикува Исус.“

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот