Во своето пладневно обраќање, папата Лав XIV во недела 6 јули 2025 година поттикна, иако сме преоптоварени со многубројни други обврски, потребно е да ја бараме подлабоката смисла на сопствениот живот, која се открива преку автентичен дијалог со Бог – жива и горлива вера, која го надминува исполнувањето на верските должности.
На Црквата и светот не им се потребни „пригодни христијани“, кои верата ја носат како пригодна облека. Вистинското смисла не произлегува од должноста, туку никнува на друго место: во интимноста на искрениот дијалог со Бог. Таму се раѓа копнежот по вечниот живот, кој го проникнува секојдневието и го преобразува, дарувајќи му полнота. Тоа се идеалните „работници“ кои папата Лав XIV ги опиша во катехезата пред молитвата Ангел Господов изговорена пред мноштво верници собрани на плоштадот Свети Петар, и покрај високите температури.
Широчината на Божјото срце
Папата ја насочи катехезата кон посланието на кое секој верник е повикан – секој во својата единственост. Во неделното литургиско Евангелие, Исус испраќа седумдесет и двајца ученици – симболичен број, одраз на универзалниот опсег на надежта – истакна Светиот Отец, додавајќи:
„Тоа е широчината на Божјото срце, Неговата изобилна жетва – делото што Тој го извршува во светот за да бидат сите Негови чеда опфатени со Неговата љубов и спасени.“
Подлабоко значење
Тоа е дело великодушно посеано во срцето на секој човек – од каде што никнува желбата за бесконечност, за исполнет живот, за спасение што ослободува. Жетвата е голема: Божјото Царство, како семе, расте во земјата, а мажите и жените од нашево време – дури и кога изгледаат преокупирани со други работи – длабоко во себе жеднеат за вистината, бараат подлабока смисла за сопствениот живот, копнеат по праведност, носат во себе жед за вечноста – рече Папата.
Постои нешто големо што Господ сака да го направи во нашиот живот
Жетвата е изобилна, но работниците се малку: малкумина се подготвени да појдат на полето што Господ го посеал и да го препознаат доброто семе со очите на Исус, подготвено за жетва.
„Постои нешто големо што Господ сака да го оствари во нашиот живот и во историјата на човештвото, но малкумина го забележуваат тоа, малкумина застануваат за да го примат дарот, за да го навестат и пренесат на другите.“
Да се работи секој ден на Божјото поле
Папата Лав XIV предупредува дека на Црквата и на светот не им се потребни луѓе кои ја исполнуваат верата како формалност и ја носат како надворешен знак. Потребни се работници кои се подготвени да го обработуваат полето на мисијата – ученици и ученички кои сведочат за Божјото Царство каде и да се наоѓаат. Можеби не недостигаат „пригодни христијани“, кои повремено отстапуваат простор на побожни чувства и присуствуваат на некој црковен настан – забележа тој – но:
„Малкумина се оние кои се секојдневно подготвени да работат на Божјата нива, негувајќи во сопственото срце семето на Евангелието, за да го внесат во секојдневниот живот: во семејството, на работното место, во училиштето, во општеството и кај оние на кои им е најпотребно.“
Односот со Господ е на прво место
За сето тоа да се постигне, не е потребна голема теорија – најважното е да се моли Господарот на жетвата – нагласи Папата:
„Односот со Господ е на прво место – негување на тој однос преку постојан дијалог. Тој ќе нѐ направи Негови работници и ќе нѐ испрати на полињата на светот како сведоци на Неговото Царство.“
Радосни работници на Божјото Царство
Светиот Отец ја заврши катехезата со повик до Пресвета Богородица, која – како што рече – великодушно го изговорила своето „Еве ме!“ и учествувала во делото на спасението, молејќи ја да посредува за нас и да нѐ придружува на патот, „за и ние да станеме радосни работници на Божјото Царство.“
Ватикан њуз/к.мк