Кога црквата би можела да проговори

Кога црквата би можела да проговори

Од сите простори што ги изградило човештвото, верувам дека нема ниту еден толку убав како мене. Во некои случаи, цели генерации работеле за да ме изградат, поставувајќи камења, резбајќи скулптури, составувајќи витражи и сликајќи фрески, за да ме направат достојна во очите на Господ. Секој мој агол крие векови труд, вера и убавина.

Многу гласови одекнувале во моите ѕидови. Таги и победи. Крштевки и погреби. Ветувања, збогувања, исповеди, славења и молитви што некогаш се издигнувале до срцето на Бога. Кога луѓето внимателно би го слушале ехото што живее во моите простори, можеби би научиле повеќе од лекција за човечката состојба.

Телото и Крвта на Синот Божји

Сепак, највредното во мене не се моите столбови, ниту моите уметнички богатства. Најскапоцено е она што го чувам во себе, Телото и Крвта на Синот Божји, присутни во дарохранителница, која често и самата е вистинска скапоценост. Сè друго е само рамка за таа Тајна на љубовта и спасението.

Мојот мирис има свој посебен карактер. Можеби тоа е историјата на секој парохијанин што низ вековите поминал низ мене. Можеби тоа е темјанот, стопениот восок или саѓите од свеќите што оставиле трага на мојата кожа. Сигурно е само тоа дека оваа мешавина создава мирис што не може да се имитира, покана за размислување и молитва.

А што да кажам за музиката? Кога имам среќа да бидам почестена со голема оргула, нешто во мене се буди. Нејзините цевки одекнуваат и се чини како самиот воздух да учи да се моли. Како да ги собира воздишките, расфрланите солзи и скриените радости, па ги враќа преобразени во надеж и мир.

Секој ден станувам сè поосамена

Но, зошто толку да се фалам? Вистината е дека секој ден сум сè поосамена. Срцето ми се кине кога гледам дека толку многумина престанале да доаѓаат за да Го сретнат мојот Господ.

Речиси никој веќе не влегува во мојата внатрешност. А кога некој ќе влезе, тоа најчесто се постари луѓе кои едвај можат да ја слушнат проповедта. Немам ништо против нив. Напротив, тие ми се омилени. Тие се оние што остануваат верни кога многу други си заминале.

Но, ми недостигаат децата што трчаат меѓу моите клупи, вљубените што се засолнуваат зад некој столб, семејните хорови што пеат од сета сила и разговорите што продолжуваат пред вратата по Литургијата.

Затворената црква е како заклучена прегратка

На некои места дури и ме заклучуваат заради заштита. Иако ги разбирам причините, сепак ми изгледа чудно. Заклучена црква е како прегратка ставена под клуч.

Секој ден разговараме за тоа со Господ. Знаеме дека светот се променил. Знаеме дека има рани, разочарувања, злоупотреби, оддалечувања и најразлични одвлекувања на вниманието. Знаеме и дека многумина заминале од вистински причини, со болки што тешко се именуваат. На тие болки можеме само да кажеме, простете ни.

Но, знаеме и дека ништо од тоа не ја допрело љубовта што Тој продолжува да ја нуди, тивка и безгранична. Таа љубов останува недопрена и чека повторно да ги пронајде оние што се оддалечиле.

Се надевам дека многумина ќе се вратат

Се надевам дека многумина повторно ќе чекорат низ моите простори, ќе седнат на моите клупи и ќе ги остават своите грижи пред моите нозе. Се надевам дека ќе се вратат пред да станам само туристичка атракција или стара фотографија закачена на ѕид.

Сите ми недостигаа. Понекогаш чувствувам завист кога гледам стадиони преполни со луѓе кои следат дваесетина мажи што трчаат по топка. Се прашувам каква привлечност има тоа, какво ветување за припадност, каква заедничка радост, што толку многумина полесно ја наоѓаат таму отколку пред самиот Бог.

Човечките суштества се чудни. Тоа добро го знам, бидејќи сум ги гледала како плачат, ветуваат, забораваат, се враќаат, клекнуваат и повторно излегуваат во животот, носејќи во себе светлина што понекогаш ја забораваат.

Но, ти ветувам нешто што Господ го побара од мене. Ако некогаш се вратиш, широко ќе ги отворам моите врати. Ќе запалам илјада свеќи, ќе издигнам песни на љубовта, ќе ги заѕвонам моите ѕвона кон небото и заедно ќе го прославиме празникот на Оној што никогаш не те напуштил.

Тринидад Р./к.мк

За авторот