Примајќи ги во аудиенција учесниците на конференцијата на тема „Теологијата на нежноста кај папата Фрањо,“ која се одржува во Асизи од 14 до 16 септември 2018 година, Папата истакна дека Божјата нежност води до тоа да сфатиме дека љубовта е смислата на животот.
Убавината на чувството дека Бог нѐ сака и убавината на чувството дека сакаме – се двете точки кои Светиот Отец ги истакна на 13 септември за време на средбата со учесниците на конференцијата во Асизи на тема „Теологијата на нежноста кај папата Фрањо.“ Конференцијата е во организација на семејниот центар „Дом на нежноста“ основан во 2003 година во Перуџа благодарение на неколку брачни парови, а денес стана место за придружба на брачните парови во тешкотии.
Теологијата и нежноста – врска која ја одржува верата
Верата е врската која ја поврзува теологијата која се потпира на академската област и на нежноста која се однесува на меѓучовечките односи – рече папата Фрањо во говорот во кој истакна дека теологијата не може да биде апстрактна, затоа што тогаш би била идеологија; таа напротив се раѓа од средбата со Словото кое стана тело и затоа е повикана да ја пренесува конкретноста на Бог Кој е Љубов.
Нежноста е доверба во Бог
Размислувајќи за чувството дека сме сакани, Папата истакна дека нежноста може да го открие нашиот начин на сфаќање на божественото милосрдие, како и мајчинското лице на Бог – како што рече – заљубен во човекот кој нѐ сака со бесконечно голема љубов од она која мајката ја чувствува кон сопственото дете. Нежноста нѐ потсетува дека Бог е покрај нас, било што и да се случи, и трогнат е заради нас. Да се почувствуваме сакани затоа значи да научиме да се доверуваме на Бог, да му кажеме онака како што Он сака: „Исусе Ти се доверувам“ – рече Папата.
Крстот, печат на нежноста
На тој начин теологијата може да стане „пријатна“ и да ни помогне свесно да ја живееме верата која блика од љубов и надеж за да нѐ поттикне да ги приклониме колената, допрени и ранети од божествената љубов. Навистина, крстот е печатот на божествената нежност која произлегува од Господовите рани – истакна Папата и додаде: Неговите видливи рани се прозорци од кои се шири Неговата невидлива љубов. Неговата мака нѐ повикува да го промениме своето срце од камен во срце од месо, да се восхитиме на Бог. И човекот, од љубов кон Бог.
Љубовта е смислата на животот
Кога човекот се чувствува навистина сакан, се чувствува исто така способен да сака – рече Папата и потсети дека ако Бог е бесконечна нежност, тогаш и човекот создаден на Неговиот образ е способен за нежност. Нежноста е првиот чекор за надминувањето на свртувањето кон себе, за излез од егоцентризмот кој штети на човековата слобода. Божјата нежност води до тоа да сфатиме дека љубовта е смислата на животот – истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк