Човечкото достоинство и мирот во центарот на посетата на Папата во Франција

Човечкото достоинство и мирот во центарот на посетата на Папата во Франција

Од 25 до 28 септември, папата Лав XIV ќе ги посети Париз, Лурд и Мец. За време на четиридневното апостолско патување, тој ќе се сретне со млади, болни, жртви на злоупотреба и претставници на различни религии. Француските епископи ги претставија подготовките за посетата.

Петтото меѓународно патување на папата Лав XIV ќе го одведе во Франција од 25 до 28 септември. Подготовките беа претставени на 8 септември, на прес-конференција во седиштето на Француската епископска конференција, од страна на кардиналот Жан-Марк Авелин и други епископи.

Кардиналот Авелин рече дека идејата за посетата му била предложена на Папата уште порано, при што првично се разговарало за 2027 година, па дури и за почетокот на 2028 година. Сепак, одложувањето на планираното патување во Перу за ноември отворило можност посетата на Франција да се одржи уште оваа година.

„За светот да има живот“

Мотото на патувањето е „За светот да има живот“, земено од Евангелието според Иван (6,51). Според кардиналот Авелин, овие зборови се и повик за одбрана на достоинството на човечкиот живот во сите ситуации во кои тој е загрозен.

Програмата вклучува средби со верници, млади, болни и претставници на различни религии. Во Париз, главните локации за јавните настани ќе бидат Плоштадот Конкорд и Шанзелизе.

Изборот на овие места предизвика забелешки од некои бранители на францускиот лаицитет, односно принципот на секуларност. Организаторите посочија дека ги завршиле потребните процедури и дека ги добиле соодветните дозволи.

Лурд: Папата како ходочесник

Во текот на викендот во Лурд се очекуваат околу 50.000 луѓе. Поради специфичностите на планинскиот град, ограничениот простор околу пештерата на објавите и безбедносните барања, бројот на учесници ќе биде прилагоден на капацитетот на локацијата.

Епископот Жан-Марк Микас објави дека општината, префектурата, безбедносните сили и волонтерите од светилиштето работат на подготовките за прием на ходочесниците.

Папата Лав XIV ќе пристигне во Лурд пред сè како ходочесник. Тој ќе се упати кон пештерата, каде што ќе ја допре карпата, ќе пие од водата, ќе запали свеќа и ќе се помоли во тишина. Потоа ќе ја предводи процесијата со свеќи и ќе служи света Литургија.

Речиси 80.000 млади во Париз

Речиси 80.000 млади веќе се регистрирале за бдеењето на стадионот „Стад де Франс“. Тие ги поканиле и своите еврејски, муслимански, сикхиски, будистички и хиндуистички пријатели.

Меѓу учесниците ќе има болни, млади од социјално ранливи средини, ученици од католички училишта и млади кои имаат послаба врска со религијата. Во програмата ќе учествуваат и околу 30 уметници од патувачки циркус, и христијани и нехристијани.

Средба со жртви на злоупотреба

Во Лурд, папата Лав XIV ќе се сретне со седум жртви на сексуална злоупотреба. На барање на Папата, средбата ќе биде кратка и ќе трае околу еден час.

Учесниците имаат различно потекло, а случаите на злоупотреба се случиле во училишна или парохиска средина. Епископот Пјер-Антоан Бозо нагласи дека оваа средба „ќе има големо значење“.

Мец: порака до Европа

Во Мец, Папата ќе се сретне со претставници на различни религии и ќе му оддаде почит на Роберт Шуман, еден од основачите на европската интеграција.

Шуман пораснал во Мец и ги искусил војните меѓу европските народи. Токму тие искуства придонеле помирувањето да стане една од централните теми во неговиот живот. Затоа посетата на папата Лав XIV на овој град се смета и како порака до Европа.

Буџет од околу 27 милиони евра

Буџетот на посетата се проценува на околу 27 милиони евра, а досега се собрани приближно 5,5 милиони евра донации, објави заменик-генералниот секретар на Француската бискупска конференција, Силвен Гибо.

Се очекува на настаните да присуствуваат околу еден милион луѓе, меѓу кои и ходочесници од други европски земји. Во Париз, организаторите имаат цел да им овозможат на што е можно повеќе луѓе лично да го видат Папата, а не само преку големи екрани.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот