Поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод празникот Рождество Христово – Божиќ упати честика до бискупот Стојанов, која ја пренесуваме во целост.
Почитуван Бискуп, монс. д-р Стојанов
Ми претставува особено задоволство во име на моето семејство и во мое лично име да ви го честитам големиот христијански празник Божиќ, Вам лично, на целиот пасторален персонал и на сите христијански верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.
Божиќ е празник на радоста за нов почеток, искрена љубов, помагање, разбирање и заедништво. На овој величествен ден се роди надежта, се роди љубовта, се роди милоста Божја.
Христово раѓање го отвори патот кон спасение и вечен живот, и оттука Божиќ како празник на Божјата љубов претставува пресвртница за човештвото и суштинска поткрепа на нашата вера и духовност.
Верувајќи во надежта да ги отвориме нашите срца, да даруваме љубов и добрина, да бидеме милостиви, чесни и хумани, за да ја почувствуваме љубовта и милоста Божја помеѓу семејството, пријателите, соседите и сите наши ближни.
Со желби за добро здравје, духовен мир и благосостојба уште еднаш Ви го честитам големиот христијански празник Рождество Христово-Божиќ!
Мир Божји – Христос се роди!
д-р Ѓорге Иванов