Царице небесна: Папата ги повика христијаните да ѝ дадат глас на надежта задушена од насилство
Папата Лав XIV ги повика христијаните да сведочат за Евангелието во свет обележан со лажни вести, конфликти и „збунета совест“.
На Светол понеделник, 6 април 2026 година, по молитвата „Царице небесна“ на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV ги повика христијаните да сведочат за Евангелието во контекст обележан со дезинформации, конфликти и општествена запоставеност.
Осврнувајќи се на евангелскиот извештај за празниот гроб, Папата истакна дека од истиот настан произлегуваат две различни сведоштва: сведоштвото на жените, кои го сретнале воскреснатиот Исус и го објавиле Неговото воскресение, и извештајот на стражарите, кои тврделе дека телото било земено. Тој рече дека од еден ист настан произлегуваат две спротивни толкувања, едното што го навестува животот, а другото што го негира.
Овој контраст, продолжи Папата, и денес останува актуелен, бидејќи соопштувањето на вистината често е попречено. „Честопати, навестувањето на вистината е замаглено од она што денес го нарекуваме ‘лажни вести’, лаги, инсинуации и неосновани обвинувања“, рече тој.
Тој ја нагласи важноста евангелската вистина да допре до оние „угнетени од злото што ја расипува историјата и ја збунува совеста“, за пасхалната тајна „и со збор и со дело“ повторно да ѝ даде глас на надежта.
Не плашете се да го навестувате Евангелието
Папата посочи дека, и покрај конфузијата што владее денес, вистината не исчезнува. Потсетувајќи на Христовите зборови: „Не бојте се, одете и навестете“, тој рече дека оваа заповед останува актуелна и суштинска насока за христијанското сведоштво.
Тој се осврна и на многубројните состојби во денешниот свет во кои поединци и заедници ги трпат последиците од насилството, посебно спомнувајќи ги луѓето погодени од војна, христијаните прогонувани поради верата и децата лишени од пристап до образование.
„Да се навестува пасхалното таинство на Христа и со збор и со дело значи повторно да ѝ се даде глас на надежта“, рече Папата, мислејќи на надежта што често е „задушена од рацете на насилниците“.
Каде и да се живее и навестува Евангелието, додаде тој, тоа внесува светлина во темнината и му ја враќа смислата на животот среде конфузијата.
Сеќавање на папата Фрањо
На крајот од своето обраќање, Папата ги повика верниците со благодарност да се потсетат на папата Фрањо, кој „на Светол понеделник минатата година се врати кај Господ“. Потсетувајќи на „големото сведоштво на верата и љубовта“ на својот претходник, тој ја довери Црквата на застапништвото на Дева Марија, Престолот на мудроста.
„Да се молиме“, рече тој, „за да станеме сè појасни и посјајни гласници на вистината“.
Меѓународен ден на спортот за развој и мир
По молитвата „Царице небесна“, папата Лав посебно се осврна и на сите што учествуваат во иницијативите организирани по повод Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, годишно одбележување востановено од Обединетите нации со цел да се истакне посебната способност на спортот да поттикнува поврзување, инклузија и мир.
Во таа насока, Папата го обнови својот повик спортот, со својот универзален јазик на братство, да биде простор на инклузија и мир.
Ватикан њуз/к.мк

