Во сабота 13 септември 2025 година, верници од Битола и Прилеп, заедно со своите семејства, учествуваа во заедничко ходочестие во главниот град по повод Јубилејната година, при што имаа можност да добијат потполн опрост.
Ходочестието започна со посета на катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што поклониците беа пречекани од патер Винко Маслаќ. Таму верниците пристапија на света Исповед, а потоа беше служена свечена Литургија која ја предводеше катедралниот парох.
Во својата проповед, тој упати благодарност до сите присутни, истакнувајќи дека секое земно ходочастие треба да заврши со вечниот живот, каде верниците ќе се сретнат со Исус Христос и со Пресветата Богородица. „Оваа Јубилејна година нè поттикнува да го гледаме сопствениот живот во христијанска димензија,“ нагласи парохот.
По Евхаристијата, поклониците ја посетија Спомен-куќата на света Мајка Тереза, каде заедно молеа Света Бројаницата на Божјото милосрдие. Ходочестието заврши со заедничко агапе, во духот на братството и заедништвото.
Ходочестието беше организирано од дон Томаш Бак, парох во Битола, во соработка со сестрите Усмиленки, Љубица Јозиќ и Слободанка Динова, кои ја придружуваа групата на ходочесници.
к.мк