Дикастеријата за служба на интегралниот човечки развој ја објави темата за 60. Светски ден на мирот, кој ќе се одбележи на 1 јануари 2027 година: „Разоружување на технологијата, служење на мирот: политиката како превентивна одговорност“.
На 1 јануари 2027 година ќе се одбележи 60. Светски ден на мирот. По тој повод, папата Лав XIV ја избра темата „Разоружување на технологијата, служење на мирот: политиката како превентивна одговорност“, се наведува во соопштението на Дикастеријата за служба на интегралниот човечки развој.
Со оваа тема, Папата сака да ја истакне „моралната одговорност на оние што се повикани да дејствуваат во политичката сфера“, се вели во соопштението.
Папата Лав XIV го охрабрува човештвото да го промовира достоинството на секој човек и да придонесува за мир, почнувајќи од „разоружувањето на технологијата“.
Осврнувајќи се на својата енциклика Magnifica humanitas, бр. 198, во која се вели дека „не постои алгоритам способен да ја направи војната морално прифатлива“, Светиот Отец истовремено предупредува на ризиците поврзани со користењето на вештачката интелигенција при донесувањето воени одлуки.
Папата упатува искрен апел до целата меѓународна заедница за „заеднички договори способни да ја заштитат човековата одговорност и хуманитарните принципи во контексти во кои се во прашање човечки животи и мирниот соживот меѓу народите“.
Презентирањето на енцикликата
На презентацијата на својата енциклика, одржана на 25 мај во Новата синодска сала, Папата потсети дека документот е плод на размислување во рамките на Светиот Престол за новите технологии и вештачката интелигенција.
Тој истакна дека вештачката интелигенција денес допира многу области од човечкиот живот, влијае врз одлуките и „радикално го менува начинот на кој се води војната“.
Вештачката интелигенција мора да биде разоружана
Од сето тоа произлезе убедување што самиот папа Лав XIV го опиша како „вознемирувачко“, а кое претставува водечка нишка на енцикликата: „Вештачката интелигенција мора да биде разоружана“.
„Знам дека зборот е силен“, призна Папата, „но беше намерно избран, затоа што во овој момент се потребни зборови способни да привлечат внимание, да ја разбудат совеста и да го насочат човештвото на патиштата што треба да ги следи.“
Технологијата не смее да го ослабне критичкото чувство
Папата Лав XIV нагласи дека Црквата веќе долго време се залага за нуклеарно разоружување како „служење на мирот и достоинството на човечкото семејство“.
Во слична смисла, додаде тој, „и вештачката интелигенција сега треба да биде разоружана“, бидејќи, „како и нуклеарната енергија, таа мора да им служи на сите и на општото добро“.
Папата предупреди дека „одлуките за технологијата никогаш не смеат да бидат одвоени од совеста и одговорноста“.
Во Magnifica humanitas, Светиот Отец размислува за мирот не само како отсуство на војна, туку како правда што се спроведува во дело. Но кога технологијата го ослабува човечкото критичко чувство, самиот мир е доведен во опасност.
Сепак, разоружувањето само по себе не е доволно. Потребно е и да се гради.
Во тој контекст, Папата се потсети на своето искуство од годините на мисионерска работа во Перу, особено по поплавите.
„Таму научив дека обновата не значи само замена на она што е уништено. Таа значи поправка на односите, враќање на довербата и повторно разгорување на надежта за иднината. Освен тоа, никој не обновува сам“, рече папата Лав XIV.
Само со таква интегрална визија, нагласи тој, вештачката интелигенција може да биде насочена кон општото добро.
Само заедно, оние што ги дизајнираат системите и оние што ги трпат нивните последици, побогатите и посиромашните земји, институциите и поединците, центрите на моќ и перифериите, ќе можеме да изградиме иднина која нема да биде за малкумина привилегирани, туку за целото човечко семејство.
Ватикан њуз/к.мк

