Годината на милосрдие е завршена, но тоа не значи дека треба да ги заборавиме делата на милосрдие. Всушност, Папата ја истакна потребата да се продолжи да се живее милосрдието што го доживеавме во изминатата година. Периодот на исчекување на Исусовото раѓање е одлична можност да се практикуваат и вршат делата на милосрдие. Како тоа можат да го прават мама и тато?
Многу луѓе мислат да се биде милосрден значи да им се попушта на луѓето. Понекогаш навистина ни е потребна волја трпеливо да се поднесува неправдата и спремно да се простува (две духовни дела на милосрдие), но да се биди милосрден значи многу повеќе од тоа. Ако ја погледнете листата на телесните и духовни дела на милосрдие и да размислиме што тие значат заедно, станува јасно дека „да се биде милосрден” значи да се однесувате спрема другите на начин што ќе им овозможи да ја видат сопствената вредност во очите на Бога.
Ние сме сите деца на Кралот
Сите сме создадени според ликот Божји. Сите сме негови деца. Крштевањето ни овозможува да бидеме пророци, свештеници и деца на Кралот. Ние ги облекуваме сиромашните, не затоа што сме заинтересирани за модата или се срамиме од телото, туку затоа што секое дете на Бога заслужува да биде облечено во согласност со достоинството на синот или ќерката на Кралот на Кралевите!
Ги храниме гладните, а не само од грижа за добра исхрана, туку затоа што секој човек заслужува да знае дека има свое законско право на кралската гозба на Божјата трепеза! Ние проштеваме и трпеливо ја поднесуваме неправдата, затоа што знаеме дека, додека ние се стремиме да биде сето она што Бог нè повикува да бидеме, често се мачиме и се сопнуваме. Познавајќи ги предизвиците на патот кон светоста, се обидуваме да бидеме дарежливи едни кон други, со падови. И тогаш, кога оние што ги сакаме, заборават кои се и наместо да се стремат кон висините, тие избираат да се валкаат во калта на својата скршеност, ги опоменуваме грешниците – не за да ги осудиме или отпишеме, туку да ги повикаме да се сетат дека тие се создадени да бидат нешто повеќе и да живеат поцелосен живот.
Милосрдие: Срцето на домот
Друга работа која луѓето често погрешно ја разбираат, кога станува збор за милосрдието, е дека него најдобро го прикажуваат монасите и монахињи кои им служат на сиромашните во далечните земји или за да се покаже милосрдие треба да се оди надвор од домот, но всушност најдобра можност да се покаже милосрдие, особено за телесните и духовните дела на милосрдие, е токму во нашиот дом. Кога нашиот најстар син се подготвуваше за својата Прва Причест, читавме за делата на милосрдие. Кога слушна дека делата на милосрдие вклучуваат работи како нахрани ги гладните, напои ги жедните и облечи ги сиромашните, не погледна и ни рече: „Вие ова постојано го правите за нас. Треба да се викаат телесни дела на мама – и тато! “
Свети Тереза од Детето Исус промовирала нешто што се нарекува „Мал пат на светоста”, идеја дека секој човек може да доживее голема светост со правење мали дела со голема љубов. Делата на милосрдие што ги вршиме во нашиот дом – а ние ги нарековме телесни и духовни дела на мама и тато – не потсетуваат дека милосрдието навистина почнува во семејството. Домот е често најдобро место каде што можеме да се потсетиме едни со други колку вредиме во Божјите очите, а тоа го правиме токму кога сме милостиви едни со други. Ова е начинот на кој и вие можете да почнете да правите телесни и духовни дела на мама и тато и да го направите вашиот дом свето место.
Телесни дела на милосрдие на мама и тато
Гладните да се нахранат
Кога ќе се вложи време да се подготват здрави и вкусни јадења за нашето семејство, исто така, се создава плодно место за дружење и разговор. Многу истражувања покажаа дека времето кое членовите на семејството го одвојуваат да седнат и да јадат заедно делува позитивно на многу нешта, вклучувајќи: физичко и ментално здравје на семејството, подобри академски достигнувања и поголемо задоволство во односите и животот воопшто. Додадете го на таа листа и растот во светоста!
Жедните да се напојат
Дали има родител кого жедно дете, сред ноќ, го нема прашано да се напие нешто? Да станете и радосно да му служите на вашето дете е дело на милосрдие, кое го потсетува детето дека неговите или нејзините потреби се важни, а ние ќе ги слушнеме и ќе ги сакаме, дури и кога тоа не ни е најсоодветно.
Сиромашните да се облечат
Да се најде трпение, додека се справуваме со дете кое сака постојано да ја носи сината блуза или да им се помогне на тинејџерките да се облекуваат привлечно, но пристојно, не е само вежба на трпение, туку исто така можност да им помогнеме на нашите деца да не ја заборават нивната вредност во очите Божји!
Патниците да се примат
Инвестирањето време и напор за да го направиме нашиот дом убав и уреден, и удобно место е одличен начин за нас и нашето семејство да се потсети на нашето достоинство во очите Божји. Исто така, научете ги вашите деца да бидат добри управители со добрата кои им се дадени, тоа е важна лекција за благодарност кон Бога.
Болните да се посетат
Кога со љубов се однесуваме кон болното дете, одбивајќи да го третираме како товар или непријатност, иако болеста ги нарушила нашите планови, ние практикуваме милосрдие, растеме во светост и покажуваме колку нашето дете е вредно во Божјите и во нашите очи.
Затворениците да се посетат
Едно е да ги испратиме децата во ќош кога тие ќе направат нешто што не треба, но треба да им пријдеме неколку минути подоцна и да разговараме со нив за тоа што се случило, да ги научиме што треба да направат наместо она што го прават и да работиме на тоа навредите да се зацелат и односите повторно да се воспостават. Тоа е практикување на вистинско милосрдие и покажува дека тие сѐ уште се вредни во Божјите и во нашите очи, иако направиле нешто што не требало.
Мртвите да се погребат
Да му се помогне на детето да се справи со загубата на домашното милениче или смртта на близок роднина бара вистинска емпатија и чувствителност – особено кога и ние поминуваме низ процесот на жалост. Правејќи го тоа, навистина како што треба, им овозможиме на нашите деца да го почувствуваат присуството на Божјата љубов дури и во време на тага.
Духовни дела на милосрдие на мама и тато
Грешниците да се опоменат
Понекогаш треба да ги исправиме нашите мали грешници. Кога тоа ќе го направиме со сочувство, разбирање и љубов, со тоа правиме повеќе од само корекција на однесување, ние ги покануваме нашите деца да се сетат на тоа како тие се Божји синови и ќерки, и дека е благослов да се однесуваат соодветно.
Непросветените да ги поучиме
Толку може да се научи! Животот е мистерија. Да се учат децата што да прават, наместо да им го кажуваме она што не треба да се прави, да се одговори на нивните бескрајни прашања со трпение и љубов, или да се научат како да се живее живот како подарок значи да се поучат непросветените. Ова им овозможува на нашите семејства да бидат она што е нивната главна цел: да бидат школо на човештвото.
Колебливите да се советуваат
Животот понекогаш е страшен. Нашите деца можат да се чувствуваат како да не се дораснати на предизвиците со кои се соочуваат. Да се биде со нив и да се поттикнуваат, да се поддржат и да се oснажат, им помага да се сетат како можат да постигнат сè кога Христос е нивна сила.
Натажените да се утешат
Животот не е само страшен, туку може да и да не разочара. Кога срцата на нашите деца се скршени, одвојте време навистина да ги слушнете – наместо да ја негираме нивната болка или им зборуваме излитени фрази, бидејќи и нам ни е непријатно – можеме во нив да поттикнеме вистинско сочувство и да овозможиме да бидеме канал преку кој Светиот Дух може да ги утеши.
Неправдата трпеливо да се поднесува
Родителите знаат колку е тешко да не избувнат на секоја мала работа што нашите деца ја прават. Иако е важно секое поголемо несогласување и проблем да се реши, „да се избираат битките” и да не се реагира на мали недоразбирања и грешки на нашите деца може да биде огромен чин на милосрдие, кое бара трпение на светец, меѓутоа, тоа гради интимност со нашите деца, додека ја чуваме енергијата за работите што навистина се важни.
Прости ја навредата
Понекогаш, кога децата ќе не повредат, може лесно да паднеме во замка и да се лутиме на нив или да се однесуваме пасивно или агресивно кон нив. Кога подготвено ќе им простиме на своите деца, растеме во великодушност и ги учиме своите деца дека тие никогаш нема да ја изгубат нашата и љубовта на Бога – дури и кога тие не се однесуваат совршено.
За живите и мртвите да го молиме Господ
Молењето со нашите деца и нивното учење како да имаат добар молитвен живот е важна задача, за нас како родители на католици. Нашите деца не се наши. Бог ни ги позајми. Учењето на децата како да се молат е еден начин како да ги доближиме до Неговата љубов.
Иако ги земаме здраво за готово, нашите домови можат да станат места каде што се создаваат светци, ако едноставно ја разбереме преобразителната духовна сила која постои во повеќето секојдневни работи кои ги правиме за нашето семејство. Кога би го искористиле овој период на исчекување на Исусовото раѓање да научиме како да ги правиме овие едноставни работи со голема љубов, ние би можеле да ги искористиме телесните и духовните дела на мама и тато и да научме да соработуваме во планот Божји за нас и нашето семејство да го преобразиме во светци, како што сме создадени да бидеме.
Жена врсна/к.мк/д-р Григориј Попчак