Со 116 години, монахиња е најстарата личност на светот

Со 116 години, монахиња е најстарата личност на светот

Со импресивни 116 години и 212 дена, с. Инах стана најстарата личност во светот и 20-та најстара личност во историјата. На монахињата од Бразил ѝ се восхитуваат заради нејзината радосна личност и љубовта кон фудбалот, а нејзиниот несекојдневен пат од кревко дете до стогодишник сведочи за издржливоста, вербата и убавината на животот.

Сестра Инах Канабаро Лукас е родена во јужен Бразил во големо семејство, а нејзините рани години биле обележани со сериозни здравствени проблеми. Таа е правнука на познат бразилски генерал кој одиграл значајна улога во годините по независноста во 19 век.

Многумина се сомневале дека таа воопшто ќе го преживее детството, изјави нејзиниот 84-годишен внук Клебер Канабаро. Сепак, таа ги надминала сите очекувања, не само додека растела, туку успеала да стане извонредна личност која инспирира многумина со својот живот.

Иако сестра Инах, која сега живее во бразилскиот град Порто Алегре, повеќе не е физички независна и има потреба од инвалидска количка, продолжува да зрачи со радост и позитивност, а позната е и по својата добра смисла за хумор.

Во трогателно видео снимено од LongeviQuest минатата година, таа се смее, се шегува и раскажува моменти од нејзиното минато – сè, од љубовта кон минијатурните диви цвеќиња до нејзината посебна посветеност на молитвата Радувај се Маријо.

На прашањето за тајната на нејзиниот извонреден животен век, сестра Инах одговори со сјај во очите, поврзувајќи ја духовитоста со мудроста. „Јас сум млада, убава и дружељубива – сето тоа се многу добри, позитивни квалитети што ги имате и вие“, се пошегува таа.

Сестра Инах поминала голем дел од својот живот служејќи им на другите, предавајќи во училиштата и посветувајќи се на монашкиот живот. Таа основала два училишни оркестри во близина на бразилско-уругвајската граница.

Нејзината католичка вера останува камен-темелник на нејзиниот живот, сидро на долгогодишното учење, служење и молитва, а целата монашка заедница многу ја цени сестра Инах.

Таа е многу приврзана и за семејството. Зборувајќи за неделните саботни посети, внукот Канабаро откри како неговата тетка светнува кога го слуша неговиот глас, додавајќи: „Другите сестри ми велат дека веднаш добива нова енергија кога знае дека сум во близина, секогаш е многу возбудена“.

Папата Фрањо и го честиташе 110-тиот роденден, а како и Папата, с. Инах е голем љубител на фудбалот.

Нејзиниот омилен фудбалски тим, Спорт Клуб Интернасионал – попознат како Интер – исто така го слави нејзиниот роденден секоја година, а нејзината соба често е украсена во црвено-белите бои на тимот. „Бел или црнец, богат или сиромашен, кој и да сте, Интер е тим за сите луѓе“, с. Инах еднаш гордо изјави во видео споделено на социјалните мрежи.

Нејзината приказна е сведоштво за богатството на животот исполнет со цел, љубов и радост. Непоколебливата вера на с. Инах, заедно со нејзиниот бестрашен дух, продолжува да инспирира безброј луѓе.

Додека светот се восхитува на нејзината долговечност, нејзиниот живот останува потсетник дека секоја година од животот, без разлика колку е, е подарок што треба да се живее до максимум.

Како дваесеттата најстара официјално потврдена личност во историјата сестра Инах се приклучува на ексклузивниот клуб на оние кои далеку го надживеале просечниот животен век. Животната приказна на Инах кажува многу повеќе од бројки – тоа е приказна за издржливост, хумор и верба што го надминува времето

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот