Со овие молитви се молеле светите Јоаким и Ана за да добијат дете

Со овие молитви се молеле светите Јоаким и Ана за да добијат дете

Според едно древно предание, светите Јоаким и Ана долго време немале деца и усрдно Му се молеле на Бога да им подари потомство. Нивните молитви биле услишени.

Неплодноста е тежок крст што многу брачни двојки го носеле низ историјата. И Светото Писмо зборува за повеќе сопружници кои копнееле по деца и истрајно Му се молеле на Бога да ги благослови со потомство. Едно древно христијанско предание вели дека низ слично искушение поминале и родителите на Пресвета Богородица.

Светите Јоаким и Ана

Протоевангелието на Јаков е древен христијански текст од првите векови на Црквата, од кој потекнуваат имињата на родителите на Дева Марија, светите Јоаким и Ана.

Овој текст не е дел од канонот на Светото Писмо и не се смета за боговдахновен, но многу влијаел врз раното христијанско предание. Во него се раскажува дека Јоаким и Ана силно посакувале да имаат потпомство.

Јоаким, длабоко нажален, се повлекол во пустината на молитва и пост:

„И Јоаким беше многу ожалостен и не отиде кај својата жена, туку се повлече во пустината. Таму го постави својот шатор и постеше четириесет дена и четириесет ноќи, велејќи во себе: ‘Нема да слезам ниту за јадење ниту за пиење сè додека Господ, мојот Бог, не погледне на мене. Молитвата ќе ми биде храна и пијалак.’“

И света Ана ја излевала својата болка пред Бога во молитва.

Еден ден таа слегла во градината, седнала под едно ловорово дрво и се помолила:

„Боже на нашите отци, благослови ме и услиши ја мојата молитва, како што ја благослови утробата на Сара и ѝ го подари синот Исак.“

Потоа, гледајќи кон небото, забележала гнездо од птици и продолжила да Му ја доверува својата тага на Господ: „Леле, кој ме роди и која утроба ме донесе на свет? Зашто станав за прекор меѓу синовите Израилеви и ме исмеваат. Леле, со што можам да се споредам? Не сум како птиците небесни, зашто и тие се плодни пред Тебе, Господи. Не сум како земните животни, зашто и тие се плодни пред Тебе, Господи. Не сум како водите, зашто и тие носат живот пред Тебе, Господи. Не сум ни како земјата, зашто и таа ги дава своите плодови во свое време и Те благословува, Господи.“

Според преданието, тогаш ѝ се јавил ангел и ѝ рекол:

„Ана, Ана, Господ ја услиша твојата молитва. Ќе зачнеш и ќе родиш, а за твоето потомство ќе се зборува по целиот свет.“

Така, според древното предание, молитвата на Јоаким и Ана била услишана и тие ја добиле ќерката Марија, идната Мајка на Спасителот.

Молитва со отворено срце

Ние не ја знаеме секогаш Божјата волја и не секогаш го добиваме одговорот за кој се молиме. Но примерот на светите Јоаким и Ана нè потсетува дека пред Бога можеме искрено да ја изнесеме својата болка, разочарувањето, стравот и најголемите желби на срцето. е треба да ја прикриваме својата тага пред Него.

Истовремено, молитвата бара и доверба: да Му го кажеме на Бога она што го посакуваме, но да останеме отворени за Неговата волја.

Токму таквата отвореност подоцна совршено ќе ја покаже Пресвета Богородица со своето „да“ на Божјиот повик.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот