Со Крстен пат на отворено во Паљурци одбележан празникот Воздвижение на Чесниот Крст Господов

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, на празникот Воздвижение на Чесниот Крст Господов, во сабота 27 септември 2025 година, служеше света архиерејска Литургија во црквата „Мајка Божја Утешителка“ во Паљурци, на Чуката. На Литургијата сослужуваа ректорот на светилиштето во Паљурци, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, парох во Богданци, дон Томаш Бак, парох во Куманово и отец Трајче Ташев, парохиски викар.
По светата Литургија, епископот Стојанов во заедништво со свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија го предводеше Крстниот пат на новопоставените 14 постојки на отворено. На овој молитвен настан, дел од Јубилејната година, присуствуваа бројни верници од повеќе парохии на Католичката црква во Македонија, сестри Евхаристинки, членови на Неокатехуменскиот пат и Делото на Марија.
Во својата проповед, монсињор Стојанов потсети дека целиот христијански живот е испрлепетен во знакот на крстот – секоја молитва, секоја работа и секоја богослужба започнуваат со него. Тој нагласи дека крстот, кој некогаш бил симбол на казна и срам, преку жртвата на Христос стана знак на љубов, спасение и нов живот.
Тоj потсети дека целата историја на човештвото е поделена меѓу две дрва. Првото дрво е со познавањето на доброто и злото од Едемската градина. Тука се случи првиот пад на човекот. И второто дрво. Крстот, сé до Исус Христос беше симбол за проклетство, а за нас верниците станува симбол на спасението што води кон вечен живот. Исус победи на крстот.
На крајот ректорот на светилиштето во Паљурци отец Зоран И. Стојанов се заблагодари на присутните верници за упатените молитви, а настанот заврши со дружење и заедништво.
к.мк