Сочувство на Папата за жртвите во ноќниот клуб во Санто Доминго

Сочувство на Папата за жртвите во ноќниот клуб во Санто Доминго

Во телеграмата потпишана од државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, Папата ја изразува својата близина со семејствата на оние кои ги загубија животите при уривањето на кровот на клубот „Џет сет“ во главниот град на Доминиканската Република: според последните проценки, повеќе од 218 загинати и околу 250 повредени.

Папата Фрањо ја изрази својата тага поради веста за трагичното уривање на покривот во ноќниот клуб Џет Сет во Санто Доминго, кој предизвика повеќе од 218 смртни случаи, според досегашните процени објавени од Центарот за вонредни операции. Во телеграмата потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, испратена во име на Папата до монсињор Франциско Озорија Акоста, надбискуп на Санто Доминго, Светиот Отец ги вети своите молитви за вечен покој на починатите и изрази најдлабоко сочувство и зборови на утеха до нивните семејства. Папата посакува брзо закрепнување на ранетите, кои се проценуваат на околу 250, и поттикна континуирана помош и следење. На крајот, папата Фрањо повика на застапништвото на Пресвета Богородица, утеха и надеж на ожалостените.

Солидарност на бискупите

Покривот на познатиот клуб се урнал за време на концерт во вторникот вечерта на 8 април. Многу млади луѓе загинаа. Доминиканската бискупска конференција, исто така, изрази солидарност и се придружи во молитвите за починатите. Во соопштението објавено на социјалните мрежи, бискупите молат од Бога да им даде утеха на семејствата на жртвите и брзо закрепнување на повредените. Тие, исто така, ги повикуваат властите и здравствените работници да продолжат да ја пружаат потребната грижа за настраданите и да го охрабрат населението да помогне со тоа што приоритет ќе им се даде на амбулантите возила, дарување крв, да се споделуваат само официјални информации и повикуваат на молитва за жртвите.

Со длабока тага за трагедијата, Бискупската конференција ја истакнува важноста да се одржи надежта, барајќи од Бога да ги вдахнови институциите и одговорните за безбедноста на јавните и приватните инфраструктури да гарантираат заштита на сите што ги користат.

Света Литургија за жртвите

Генералниот секретар на Доминиканскиот епископат, монсињор Фаустино Бургос, ја предводеше светата Литургија за жртвите: „Ја принесуваме оваа Евхаристија за вечен покој на сите починати, Господ да ги прими нивните души; за нивните семејства, Господ да им даде сила, за исцелување на повредените и за нашите власти“, рече тој.

Претседателот на Доминиканската Република Луис Абинадер прогласи национална жалост на 8, 9 и 10 април.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот