„Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.“ (Мт 10, 40)
Во ова поглавје од Евангелието на Матеј, Исус ги избира дванаесетте ученици и ги испраќа да ја проповедаат неговата порака.
Тој ги именуваше еден по еден. Тоа е знак на личниот однос што тие го граделе со Учителот, следејќи го од почетокот на Неговата мисија. Тие се запознаа со Неговиот стил, пред сè со Неговата блискост со болните, грешниците и оние што ги сметаа за опседнати. Сите овие беа отфрлени луѓе, оценети негативно, од кои мораше човек да стои настрана. Само по овие конкретни знаци на љубов кон својот народ и самиот Исус се подготвуваше да навестува дека Царството Божјо е близу.
Затоа апостолите се испратени во името на Исус, како негови „амбасадори“. Луѓето ќе Го примаат Него преку нив. Отворајќи ги нивните срца на неочекуван, непланиран гостин, големите библиски ликови често примале посета од самиот Бог.
Дури и денес, особено во културите кои негуваат силно чувство за заедница, гостинот е свет дури и кога е непознат и за него е подготвено најдоброто место.
„Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.“
Исус ги поучува дванаесеттемината: тие мора да тргнат на пат боси и со мал багаж, со лесна торба, со една облека… Тие мораат да си дозволат да бидат третирани како гости, да бидат подготвени понизно да го прифатат вниманието на другите; тие мора да обезбедат бесплатна грижа и блискост со сиромашните и да го дадат мирот како подарок за сите. Како Исус, тие ќе бидат трпеливи во недоразбирања и прогонствата, уверени во блискоста на Очевата љубов
Така што оној кој кој ќе има среќа да сретне некого од нив, навистина да ја доживее Божјата нежност.
„Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.“
Како и учениците, така и сите христијани имаат мисија: да ја сведочат со благост, најпрво со животот, а потоа со зборот, Божјата љубовта што самите ја запознаа, за да може да стане радосна вест за многумина, за сите. Бидејќи доживеале Божје прифаќање, и покрај нивните слабости, првото сведочење е токму грижното прифаќање на братот.
Во едно општество, кое честопати е обележано со потрагата по успех и себична автономија, христијаните се повикани да ја покажат убавината на братството, кое ја признава потребата едни за други и поттикнува на взаемност.
„Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.“
Кјара Лубиќ вака напиша за евангелското прифаќање: „[…] Исус беше манифестација на љубовта на Небесниот Отец која целосно го прифаќа секој од нас и љубовта што треба следствено да ја имаме едни за други. […] Затоа ќе го примиме ова Слово на животот за да живееме пред сè во кругот на нашите семејства, здруженија, заедници, работни групи, да ги отстраниме во нас осудите, дискриминацијата, предрасудите, незадоволството, нетрпеливоста кон овој или оној ближен, кои толку лесно и често ги донесуваме, а честопати ги заладуваат и нарушуваат човековите односи и ја спречуваат меѓусебната љубов, блокирајќи ја како ‘рѓа. […] Прифаќањето на другиот, кој е поразличен од нас, е темел на христијанската љубов. Тоа е почетната точка, првиот чекор кон градењето на цивилизација на љубовта и култура на заедништвото, кон кои пред сè Исус нè повикува денес “.
Летиција Магри