Скопје: Колачи за бездомниците

Скопје: Колачи за бездомниците

На почетокот на Молитвената осмина за единство на христијаните, во сабота 18 јануари 2025 во дворот на Спомен куќата Мајка Тереза во Скопје,  во организација на Движењето на Фоколари, се одржа традиционалната акција „Колачи за бездомниците“, во која на примателите на помош им беа поделени пакетчиња со колачи. Во акцијата учествуваа католици, православни, адвентисти, муслимани, а меѓу нив имаше од сите возрасти: возрасни, млади и деца. Децата пак секое пакување го украсија со свои цртежи и убави желби. На едно од пакетите со детски ракопис пишуваше „Не грижете се, не сте сами, ние сме со вас“.

Времето за средба со примателите на помош беше можност за разговор со нив, од кои што можеше да се слушнат многу болни сведоштва и искуства, но исто така и радост и благодарност.

Секоја година, по Божиќ според јулијанскиот календар, семејствата на Движењето Фоколари во се ангажираат за да им го разубават празничниот период на сиромашните, на кои невладино здружение „Љубезност“ секоја недела редовно им дели топол оброк.  Ваквите акции и соработка се извор на заедништво и радост што ги поврзува сите, не само за оние кои добиваат помош, туку и за оние кои ја подготвуваат и дистрибуираат.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот