Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации, надбискупот Кристоф З. Ел-Касис, во средата, 28 октомври 2026 година, одржа обраќање во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, за време на заседанието на Четвртиот комитет на 81. Генерално собрание, посветено на темата „Меѓународна соработка во мирољубивото користење на вселената“.
Истражувањето и користењето на вселената нудат можности за научен напредок и целосен човечки развој, под суштински услов овие иновации да им служат на сите народи и да не создаваат нови нееднаквости и облици на исклученост.
Монс. Ел-Касис потсети дека ова начело е содржано во Договорот за вселената од 1967 година и истакна дека истражувањата во оваа област можат да помогнат во решавањето на големите предизвици на нашето време.
„Вселенските технологии се драгоцено средство за справување со итните предизвици со кои се соочува нашата планета, меѓу кои се климатските промени, несигурноста во снабдувањето со храна, недостигот на вода и природните катастрофи“, објасни надбискупот Ел-Касис.
Тој додаде дека за таа цел е потребно да се зајакне меѓународната соработка, особено во споделувањето научни сознанија, за земјите во развој целосно да можат да ги користат придобивките од овој напредок.
Координиран меѓународен одговор е потребен и за заштита на вселенската средина, која е загрозена од сè поголемата исполнетост на орбитите, натрупувањето вселенски отпад и растот на комерцијалните активности.
„Неопходно е одговорно управување со вселената, со цел да се обезбеди научниот и технолошкиот напредок да не го загрози нејзиното мирољубиво и одржливо користење од идните генерации. Затоа Светиот Престол повикува на заеднички напори за зачувување на вселената како простор на мир, стабилност и соработка, за доброто на сегашните и идните генерации“, истакна на крајот надбискупот Ел-Касис.
Ватикан њуз/к.мк

