Господовата благодат може да промени сè и ние секогаш мора да бидеме подготвени за тоа – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија во четврток 19 декември 2019 година, која ја служеше во капелата на домот Света Марта
Во својата проповед, Папата ја искористи сликата за пустината, која ја поврза со неплодноста. Библиските читања зборуваа за две неплодни жени, кои благодарение на Божјата интервенција, зачнале две деца. Тоа беше жената на Маној од Дановото племе, подоцна мајка на Самсон и жената на Захарија, Елисавета, која покасно ќе стане мајка на Иван Крстител. Бог ги благослови овие две „пустини“, овие жени кои веруваа во Бога и му се доверија на Господ – рече Папата.
„Господ дозволува пустината да цвета. И двете жени зачнуваат и раѓаат деца. „Оче, зарем не е ова чудо?“ Не, тоа е и повеќе од чудо, тоа е основата, причината за нашето верување. И двете жени зачнуваат затоа што Бог е во состојба да промени сè, вклучително и законите на природата; тој е во состојба да го подготви патот за своето Слово. Господовите дарови се бесплатни. И животот што го зачнуваат овие две жени се знак на Божјата бесплатност“.
Според ова, децата на двете жени, Иван Крстител и Самсон, би можеле да бидат сфатени како „симболи на нашето бесплатно спасение“, истакна Папата. Исто како што бременоста за овие две жени беше невозможна поради биолошки причини, така сите ние имаме потреба од Божјата благодат која нè спасува: „Бидејќи никој не може сам да се спаси, единствено само Господ може да го стори тоа“, рече Папата.
Светиот Отец повика да се препуштиме со вера на ова „бесплатно спасение; да ја прифатиме оваа благодат. Ако ја примиме оваа Божја благодат, без вера, без доверба нема спасение за нас – рече папата Фрањо:
„Никој од нас не заслужува спасение. Никој! Но, јас молам, постам.. Да, тоа е добро за вас, но ако на почетокот на сето ова нема бесплатност, нема можност за откупение. Ние сме неплодни. Сите. Не примчиви за животот со благодат, не приемчиви да одиме во рајот и да примаме светост. И затоа не можеме да се пофалиме дека сме праведни. Оче, јас сум католик, одам на света Литургија во недела, припаѓам на ова или она здружението … Кажи ми: Дали мислиш дека вака можеш да го купиш спасението? Мислиш ли дека тоа ќе те спаси? Ова ќе ти послужи да се спасиш само ако веруваш во бесплатноста на Божји дарови: Сè е милост, бесплатно“.
Потоа папата Фрањо подетално зборуваше за историјата на Самсон. Откако победи една спротивставена група Филистејците, јунакот на израелското племе Данови се заљуби во Далида. Неа ја поткупиле Филистејците и ја открива тајната на силата на Самсон, со која тој ги победил. Големиот борец и силен човек неочекувано падна. Истото може да ни се случи и на нас, може да паднеме во грев – рече Папата.
„Ова може и на нас да ни се случи, може да ни се случи да паднеме и да веруваме дека ние самите на себе сме си спасители. Тоа е грев. Грев е да мислиме дека самите може да се спасиме. Во овие денови пред Божиќ да го славиме Господа за бесплатноста на неговото спасение, за животот ,за сè што ни дава, великодушно. Сè е благодат“ – рече на крајот од проповедта папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк