Нова евангелизација
Драги браќа и сестри, празнувајќи го празникот на светите браќа Кирил и Методиј претпоставувам, а и знам, дека многу пати сме зборувале за нивниот живот и послание. Денес би се осудил, претпоставувајќи дека нивниот животопис претежно ни е познат да го поставам прашањето – дали можеби би можеле ние денес дословно да го продолжиме апостолското дело на светите Браќа? Чудно звучи, но сепак да се обидеме заедно да дадеме одговор на тоа прашање. Замислете нивниот живот се случува кога најмоќното Римско царство во историјата се наоѓа во исчезнување – пропаѓа, како сонце кое заоѓа, време кое исчезнува. Големи нарушувања се случиле во Римска Европа, миграции за кои Римјаните имале само еден одговор: варвари. Едно време поминало и дошле нови народи, навистина со пониска цивилизација одошто била римската. Во некоја смисла навистина биле варвари. Меѓу нив и огромни миграции на словенските народи. Во допир со тогаш веќе некои народи кои според христијанството ја сочувале Римската цивилизација, но целосно обновена со христијанските вредности биле и Словените кои се нашле соочени со раѓањето на таа нова христијанска цивилизација. Светите браќа се охрабриле да одат во непознато, знаејќи само по нешто и тоа малку за тие словенски народи, отишле да ги приближат тие народи кон таа најнова грчко – римска, но сепак христијанска препородена цивилизација. Вооружени со две работи: со Свето Писмо и јазик разбирлив за тие народи. И на тој начин не им доаѓаат како странци, туку како познати со онаа најминимална комуникација, а тоа е јазикот. Така светите Браќа низ многу згоди и незгоди, кои ни се познати, излегуваат како апостоли меѓу словенските народи.
А сега да се соживееме во оваа наше време кога сонцето на една цивилизација се наоѓа на заоѓање. Со голема жалост мора да кажам дека на заоѓање се наоѓа христијанската цивилизација на Европа. Светиот Отец папата Фрањо се осмели во лице да каже на еден висок европски политичар дека Европа е старица, неплодна и неспособна за ново раѓање. Со други зборови: чувствуваме дека во некогаш комплетна христијанска Европа денес доживуваме изумирање на тоа христијанство. Остануваме малцинство и во опасност сме да не нѐ фати безнадежност. Папата Бенедикт XVI, кој во една од своите последни книги што ја објави под наслов: Последни разговори, говори токму за тоа како христијанството во Европа се гаси. Но, тој не е песимист и не е маловерен. Буди надеж која и јас би сакал сега со вас да го споделам тоа размислување. Си поставив прашање: дали ние можеме да го продолжиме делото на светите Браќа? Одговарам со да. Сепак, на светите Браќа им било полесно, не би сакал на тоа да се чудите, затоа што тие на варварите, паганите, безбожниците им навестија голема новост – евангелието, радосната вест на христијаните, а ние денес имаме потешка задача, бидејќи пред нас не се пагани, туку отпаднати или угасени христијани да не кажам потежок збор мртви тела. Ние како да го слушаме Божјиот глас упатен на пророкот Језекиил: „Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?“ (Јез 37, 3) и тогаш ни е позната сцената, која ја опишува Језекиил, како коските се зближуваат, секоја коска до својата коска и одново формираат тело и како Бог во мртвите коски и вдахна дух – и тие оживееја и се исправија на нозете свои…
Ние христијаните, ако сме ја сочувале својата вера тогаш сме повикани како и светите Браќа со две помагала или средства со вера и дух да ги пробудиме мртвите коски. Папата Бенедикт XVI говори како христијанството во Европа ќе опстане во мали дијаспори, во мали заедници но кои ќе бидат живи во верата и милоста. Исто така, тие заедници како квасец ќе ги преобразат новите народи на Европа и така одново во дадено време со новата евангелизација ќе се направи христијанството да биде сила. Сега е време кога христијанството, а пред сѐ, Црквата се истиснува на периферијата на општеството, се исклучува од јавниот живот, време кога Црквата и се обезвреднува тоа што го прави и навестува и затоа повторувам дека нам ни е потешко одошто на светите Браќа. Во што се состои тогаш темелот на нашата надеж дека сепак ќе успееме? Во тоа дека Кирил и Методиј биле браќа. Нашата христијанска сила и покрај тоа што сме малени е во тоа што сме браќа. Сите модерни комуникациски средства не смеат да бидат за нас страв, туку средство за евангелизација. Овој факт го согледува свети Папа Иван Павле II и го нарекува нова евангелизација или реевангелизација.
Драги браќа и сестри, кои сме собрани на оваа прослава, на нашите небесни заштитници чии што ученици всушност организирале црковност во Македонија во годината која измина, а во која се сеќаваме на 1100 години од преминот во небо на свети Климент Охридски да се охрабриме и одговориме на Бога за тоа што од нас очекува да бидеме навестители на новата евангелизација. Голем е тој чекор но во заедништво на автентичен живот на живеење во љубовта можеме да бидеме евангелизатори. Нека на тоа нѐ поттикнува примерот на светите Браќа, а со својот заговор нѐ помагаат пред Бога. Амин.
Почитување на моштите во Црквата
Почитувањето на светците поврзано е со почитувањето на моштите. Како што почитувањето на светците има големо влијание на духовниот живот, по примерот на нивниот живот, така и почитувањето на моштите има влијание во напредувањето на внатрешниот живот. Моштите се нешто конкретно и видливо, бидејќи се работи за опипливи телесни делови на светците.
Почитување, контакт и љубење на моштите, според психолошките закони, предизвикуваат трогнување и восхит, и доведува до имитирање на христијанскиот херој.
Потребно е да се признае дека постои и натприродно посредство на светците чии што мошти се почитуваат и чиј заговор се моли при Господа.
Моштите на светците за нас се опиплив доказ на нивниот духовен живот така што ни покажуваат на кој начин тие достигнале такво совршенство што заслужуваат јавно почитување. Нема сомнение дека сето тоа е голем поттик за усовршување на духовниот живот. Уште повеќе, почитувањето на моштите извршило големо влијание и во внатрешниот живот на самите светци.
Зборот мошти (реликвија) значи тоа што останува, се однесува на човечкото тело или на дел од телото; во поширока смисла, мошти се нарекуваат и тие предмети што биле во контакт со лицето кое се почитува.
Црквата од самиот свој почеток ги почитувала моштите, првенствено моштите на мачениците, потоа моштите на светците исповедниците. Тоа почитување започнало со мачеништвото на свети Игнатиј.
Ако моштите се состоеле од целото тело се нарекувале corpus; ако моштите биле само дел од телото, тогаш се нарекувале: ex ossibus или ex capillis. Моштите кои произлегувале од самиот контакт со телото на светецот се нарекувале memoriae, nomina, sanctuaria.
Уверението во веродостојноста на моштите претпоставува одредено признание на изворноста. Автентично признание е тоа кое се дава со судска одлука од надлежните црковни власти во бискупијата во која се наоѓа гробот, а која исклучило е ополномоштена од Светата Конгрегација за кауза на светците.
Вториот Ватикански собор (LG 5) со голема побожност ги прифаќа декретите од Вториот Никејски, Фиорентински и Тридентински собор, на кои било говор исклучило за моштите, утврдено е следното: „Верниците треба да ги почитуваат светите тела на светците и мачениците и другите кои живеат со Христос, кои биле живи тела Христови и храм на Светиот Дух (спр. 1Кор 3, 16; 6, 15. 19: 2Кор 6, 16), кој ќе ги воскресне и прослави во вечниот живот и по кој Бог им дава на луѓето многу доброчинства.“ (Денз. 985)
Моштите кои што ние ги имаме се автентични и потврдени од црковната власт и тоа: ex ossibus S. CYRILLI, MONACHI ET APOSTLI SLAVORUM како стои во самиот сертификат – потврда.