Пресвета Евхаристија – Пресвето Тело и Пресвета Крв Исусови

Пресвета Евхаристија – Пресвето Тело и Пресвета Крв Исусови

Во пресрет на неговото страдание, за време на Тајната Вечера, Господ зеде, „леб го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете, јадете; тоа е Моето тело.” 23. Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. 24. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. “. (Мк 14, 22-24). Целата историја на Бога со луѓето се содржи во овие зборови. Не е само собрано и протолкувано минатото, туку исто така е предвестена иднината – доаѓањето на Царството Божјо во светот. Тоа што Тој го вели, тоа е еден настан, централен настан од историјата на светот и од нашиот личен живот.

Овие зборови се неисцрпни. (…) Исус, како знак за својата присутност, ги избрал лебот и виното. Со секој од двата знака целосно се дарува, а не само еден дел од Себе. Воскреснатиот не е разделен. Тој е една личност која, преку знаковите, ни се приближува и се соединува со нас. Но знаковите претставуваат, на нивен начин, секој од нив еден посебен аспект од Неговото таинство и со нивното типично прикажување, сакаат да ни зборуваат, сѐ додека не научиме да разбираме малку повеќе за таинството на Исус Христос. За време на процесијата и во обожавањето ние го гледаме осветеното Пречисто Причастие – наједноставниот вид на леб и храна, направен само од малку брашно и вода. Така тоа претставува како храна на сиромашните, на кои Господ на прво место им ја наменил својата близина. Молитвата со која Црквата за време на литургијата го посветува овој леб на Господ, го квалификува како плод од земјата и од човечката работа. Во него се содржани човечкиот труд, секојдневната работа на оној кој ја обработува земјата, сее и собира и на крајот прави леб. Но сепак лебот не е едноставно и само наш производ, нешто направено од нас; тој е плод од земјата, а тоа значи дека е исто така и дар. Затоа што фактот дека земјата донесува плодови, не е наша заслуга; само Создателот можеше да ја направи плодна. А сега оваа молитва на Црквата може да се прошири уште малку, велејќи: лебот е плод од земјата и од небото заедно. Се подразбира синергијата од силите на земјата и од даровите од висините, т.е. од сонцето и дождот. И исто така водата, од која имаме потреба за да подготвиме леб, не можеме ние да ја произведеме.

Во еден период, во кој се зборува за опустинувањето и секогаш повторно и повторно слушаме да се осуди опасноста дека луѓето и животните умираат од жед во овие безводни региони – за овој период свесни сме за големината на дарот на водата и колку ние сме неспособни сами да ја произведеме. Значи, гледајќи од поблиску, ова мало парче на Пресвето Причастие, овој леб на сиромашните, ни се прикажува како една синтеза од создавањето. Небото и земјата се комбинираат исто како што и активноста и духот на човекот. Синергијата на силите кои на нашата сиромашна планета ја праваат можна таинството на животот и егзистенцијата на човекот, ни доаѓа во пресрет целата Негова прекрасна големина. На тој начин почнуваме да разбираме зошто Господ го избрал ова парче леб како свој знак (…).

На сличен начин ни зборува исто така и знакот на виното. Додека лебот зборува за секојдневието, за едноставноста, виното ја изразува убавината на созданието: радосен празник кој Бог сака да ни понуди на крајот на времињата и кој веќе сега, а и за во иднина секогаш го предвестува преку овој знак. Но виното исто така зборува и за страста: лозата постојано треба да биде исчистена; грозјето треба да созрева под сонце и дожд: само преку таква страст созрева убаво вино.

На празникот „Тело Христово“ пред сѐ го гледаме знакот на лебот. Тој нѐ потсетува исто така на четириесетгодишното патување на Израел во пустината. Причастието е нашата мана со која Господ нѐ храни – Тој навистина е храна од небото, преку која Тој се дарува самиот Себе.

Во процесијата ние го следиме овој знак и така Го следиме Него. И го молиме: води нѐ по патиштата на нашата историја! Покажувај ѝ го на Црквата и на нејзините Пастири секогаш вистинскиот пат! Погледни го човештвото кое страда, кое несигурно талка помеѓу многу прашања; погледни ја физичката и психичката глад која го мачи! Дај им на луѓето леб за телото и душата! Дај им работа! Дај им светлина! Подари им се Самиот Себе! Очисти нѐ и посвети нѐ сите нас! Направи да разбереме дека само преку учествувањето на твоето страдание, преку изреченото „да“ на крстот, на откажувањето, на прочистувањето кое ти ни го нудиш, нашиот живот може да созрее и да го достигне своето вистинско исполнување. Собери нѐ од сите краеви на земјата. Соедини ја твојата Црква, соедини го разделеното човештво! Подари ни го твоето спасение! Амин

(Проповед од Неговата Светост Бенедикт XVI,

на 15 јуни 2006 година)

З.А

Категорија: Вера, Духовност

За авторот