Руски туристи биле приведени затоа што, наводно, читале Библија во Аја Софија, која денес функционира како џамија. Во меѓувреме, објава на турскиот министер за култура по повод годишнината од повторното отворање на Аја Софија како џамија предизвика реакции во православниот свет.
Руски туристички пар бил приведен во Истанбул поради наводно читање на Библијата во Аја Софија, која денес служи како џамија. Според медиумските извештаи, полицијата ги извела од објектот, по што биле приведени и префрлени во центар за мигранти, каде што треба да останат до завршување на административната постапка.
Двајцата руски државјани се осомничени за прекршување на член 216 од турскиот Кривичен законик, кој се однесува на кривично дело „поттикнување омраза“. Инцидентот, според извештаите, се случил во понеделник.
Според турското законодавство, административниот притвор на странци не може да трае подолго од шест месеци, но може да биде продолжен за уште шест месеци ако депортацијата не може да се спроведе поради недостиг на документи или поради несоработка од страна на притворените лица.
Во меѓувреме, дополнителни реакции предизвика и објава на турскиот министер за култура Мехмет Нури Ерсој на социјалните мрежи. По повод шестгодишнината од повторното отворање на Аја Софија како џамија, тој ја нарече „симбол на освојувањето“.
Ерсој се потсети на, како што наведе, „историскиот ден“ кога Аја Софија повторно била отворена за богослужба со потпис на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Со тоа, според него, била исполнета долго posakuvanata желба.
„Во Аја Софија, симболот на освојувањето и единственото наследство на султанот Мехмед Освојувачот, со најголема грижа ги извршуваме најобемните реставраторски работи во историјата на Република Турција, со цел ова свето наследство да го зачуваме во неговата изворна форма за идните генерации“, напиша Ерсој.
Објавата предизвика незадоволство во православниот, особено грчкиот свет, каде што Аја Софија останува силен верски и историски симбол.
Аја Софија е изградена во 537 година како најголема црква во христијанскиот свет во тоа време. По османлиското освојување на Цариград во 1453 година, била претворена во џамија. Во 1935 година, во времето на Турската Република и нејзиниот основач Мустафа Кемал Ататурк, била прогласена за музеј.
Во јули 2020 година, претседателот Реџеп Таип Ердоган ја претвори повторно во џамија. Куполата на Аја Софија, во својата сегашна форма, датира од 562 година.
Катпрес/к.мк

