Париската катедрала Нотр Дам беше отворена во рекордно време, пет години по катастрофалниот пожар во април 2019 година и темелното реновирање
Со звуците на најголемото ѕвоно на Нотр Дам „Емануел“, парискиот надбискуп Лоран Улрих вечерта во саботата, 7 декември, ги отвори вратите на катедралата. За време на симболичниот чин, околу 19.20 часот, тој со својот епископското жезло тропна три пати на вратата од главниот портал, на што секој пат катедралниот хор одговарал со пеење псалми.
На свеченоста која се одржа со највисоки безбедносни мерки учествуваа 1.500 поканети гости, меѓу кои и бројни претставници на политиката, црквата и општеството. Меѓу гостите беа новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот престолонаследник Вилијам, принцот Алберт од Монако, германскиот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмаер, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и американскиот бизнисмен Илон Маск.
Откако надбискупот влезе во катедралата, беше прикажан филм за пожарот и реконструкцијата. На крајот, 160 пожарникари кои го гаселе пожарот влегоа во катедралата придружени со аплаузи. Фасадата на катедралата беше осветлена со натпис „благодарам“ на неколку јазици.
По краткиот музички настап на Рено и Готје Капусон на виолина и виолончело, францускиот претседател Емануел Макрон зеде збор, заблагодарувајќи им се на сите што придонесоа за спасување и реставрација на катедралата.
„Вечерва камбаните на Нотр Дам повторно бијат“, рече францускиот претседател потсетувајќи се на сцени од 2019 година. И покрај големата штета, откажувањето не беше опција, нагласи тој. „Се одлучивме за движење“, рече тој, додавајќи дека катедралата стана симбол на она што може да го постигне една нација и луѓето ширум светот. „Вечерва можеме да споделиме радост и гордост“, рече Макрон, завршувајќи го говорот со зборовите: „Да живее Богородица, да живее Републиката, да живее Франција!“
Макрон требаше да го одржи својот говор на плоштадот пред катедралата, но поради лошите временски услови церемонијата беше преместена во катедралата.
После тоа, првпат седна на епископскиот престол парискиот надбискуп Улрих, кој ја презеде функцијата во 2022 година. Од тоа место му се заблагодари на Макрон и на сите кои придонесоа за обнова на катедралата. Пораката на папата Фрањо беше поздравена со аплауз: „Оживувањето на таа восхитувачка црква нека биде пророчки знак за заживување на Црквата во Франција“.
Во својата порака Папата потсетува на пожарот пред пет години. „Нашите срца беа обединети поради опасноста од уништување на ова ремек дело на верата и христијанската градежна уметност, вековен сведок на вашата национална историја“.
И Папата им се заблагодарува на пожарникарите, како и на поддржувачите во Франција и во странство кои придонесоа за обнова на катедралата. Нивниот ентузијазам „не е само израз на приврзаност кон уметноста и историјата, туку уште повеќе – и колку е охрабрувачки – знак дека симболичната и светата вредност на таквата градба сè уште е широко признаена“, рече папата Фрањо. На крајот тој побара катедралата да остане отворена за сите посетители бесплатно и да служи како место за духовна обнова за локалното население.
Папата Фрањо на свеченоста го претставуваше апостолскиот нунциј во Франција, надбискупот Селестино Миљоре, кој ја прочита пораката. Пред тоа, нунцијот нагласи дека не доаѓањето на Папата на свеченоста не значи негово дистанцирање од Франција, бидејќи и денес, и покрај напредната секуларизација, тој ја почитува таа земја како „плодна почва за пасторална креативност и светост“. Папата на 15 декември ќе го посети медитеранскиот остров Корзика, кој и припаѓа на Франција, каде што ќе учествува на конгресот за народната побожност.
Раната готска париска катедрала Нотр Дам е заштитен знак на Париз и симбол на сите француски катедрали. Изграден е на Ile de la Cite на Сена во историскиот центар на Париз и е посветен на Пресвета Богородица. Пред пожарот во 2019 година, годишно го посетувале од 12 до 14 милиони луѓе. Изградбата на катедралата започнала во 1163 година, а веќе во 1182 година бил завршен хорот, потоа следел главниот кораб и западната фасада и кулите. Внатрешноста на катедралата е долга околу 130 метри и висока 33 метри. Секоја од двете кули е висока 69 метри.
Како и многу други француски цркви, катедралата Нотр Дам беше осквернавена за време на Француската револуција. Прво била прогласена за „Храм на највисокото битие“, а подоцна била претворена во магацин за вино. Во 1802 година, Наполеон наредил катедралата да се врати во нејзината црковна намена, а тој самиот бил таму во 1804 година во присуство на папата Пиј VII крунисан за цар на Франција.
Ватикан њуз/к.мк