Папата упати порака до учесниците на „Марш за живот“: Општеството е здраво само кога ја штити светоста на човечкиот живот

Папата упати порака до учесниците на „Марш за живот“: Општеството е здраво само кога ја штити светоста на човечкиот живот

Во својата порака до учесниците на Маршот за живот што се одржува на 23 јануари 2026 година, во Вашингтон, папата Лав XIV повтори дека заштитата на човечкиот живот е неопходна основа на сите други права. Обраќајќи им се на младите луѓе, тој ги охрабри смело и мирно да се вклучат во дијалог со граѓанските и политичките лидери.

Да се вклучиме во дијалог што ќе ги проткае сите нивоа на општеството, на решителен, но мирен начин, со цел да се потврди светоста на животот како неопходен темел на секое друго човеково право. Ова е апелот што папата Лав XIV им го упати на учесниците на „Маршот за живот“ што се одржува на 23 јануари, во Вашингтон, главниот град на Соединетите Американски Држави.

Охрабрување за млади луѓе

Во својата порака, Светиот Отец ветува духовна близина со учесниците на настанот, кој го опиша како јавно сведоштво насочено за потврдување на вредноста на човечкото постоење. Токму врз оваа вредност и нејзиното активно промовирање – како што Папата веќе нагласи на 9 јануари во своето обраќање до членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол – општеството почива и напредува:

Едно општество е здраво и просперитетно само кога ја штити светоста на човечкиот живот и активно се залага за негово унапредување.

Во оваа смисла, Римскиот епископ особено ги охрабрува младите луѓе да продолжат да работат за да осигурат дека животот е почитуван во сите негови фази, преку соодветни напори на сите нивоа на општеството, вклучително и дијалог со граѓанските и политичките лидери.

Одете мирно и храбро

Петровиот наследник ги доверува учесниците на посредништвото на Исус, кој вети дека ќе остане со нас засекогаш, повикувајќи ги храбро и мирно да одат за неродените:

Бранејќи ги, знајте дека ја исполнувате Господовата заповед да му служите во најмалите ваши браќа и сестри.

Марш за живот

„Животот е дар“ е темата на овогодинешното 53. издание на „Маршот за живот“, кое се одржува од 1974 година по повод годишнината од пресудата Роу против Вејд на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави, со која се воведе федералното право на абортус. Тоа право беше укинато од истиот суд на 24 јуни 2022 година, со пресудата Добс против Џексон, Организација за здравје на жените.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот