По пладневната молитва „Ангел Господов“ во недела, 21 септември 2025 година, папата Лав XIV повторно го упати својот апел за мир на Блискиот Исток. „На народите им е потребен мир,“ нагласи тој, додавајќи дека оние што навистина сакаат мир – работат за мир. Папата им се заблагодари на католичките здруженија кои покажуваат солидарност со луѓето од Појасот Газа. Посебни мисли упати и за оние што страдаат од Алцхајмерова болест и атаксија.
Апел за мир
Сликите на Палестинците кои бегаат од градот Газа со автомобили, камиони, импровизирани колички или пеш, следејќи ја наредбата за евакуација на израелската армија, длабоко го трогнаа папата Лав XIV. Тој им се обрати на претставниците на повеќе католички здруженија присутни на плоштадот „Свети Петар“, истакнувајќи дека ја цени нивната иницијатива и дека многу други низ Црквата сведочат близина со страдалниците од таа измачена земја.
Папата порача: „Со вас и со пастирите на Црквите во Светата Земја повторувам: нема иднина изградена врз насилство, присилно прогонство и одмазда. На народите им е потребен мир; и само оние што навистина го сакаат, работат за него.“
Молитвено бдение во Рим
Меѓу иницијативите за мир се издвојува молитвеното бдение на Заедницата Свети Егидиј, што ќе се одржи во понеделник, 22 септември, во 19:30 часот на плоштадот „Санта Марија ин Трастевере“ во Рим. Во него ќе учествуваат здруженијата ACLI, AGESCI, Auxilium, Италијанска католичка акција, Заедништво и слобода, Заедницата Папа Иван XXIII, Христијанско работничко движење, Движењето на фоколарите, Политичко движење за единство, Световниот фрањевски ред (OFS) и Обнова во Светиот Дух.
Бдеењето ќе го предводи кардиналот Гвалтиеро Басети, поранешен претседател на Италијанската бискупска конференција (CEI). Планирана е и видео врска со кардиналот Пјербатиста Пицабала, латински патријарх на Ерусалим.
Грижа за болните
На крајот од молитвата, папата Лав XIV ги поздрави верниците и поклониците собрани на плоштадот „Свети Петар“ од Италија и светот. Тој упати посебни мисли и молитви за оние што страдаат од Алцхајмерова болест, обединувајќи ги во своето сеќавање со болните од атаксија, по повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест (21 септември). Папата потсети и дека на 25 септември ќе се одбележи Светскиот ден на атаксијата.
Ватикан њуз/к.мк