Папата Фрањо испрати порака од профилот @Pontifex на платформата X пред почетокот на Светата година на тема надеж. Во вторник на 24 декември 2024 година во 19.00 часот ќе се отворат Светите врати во базиликата „Свети Петар“, а на 26 декември 2024 година во римскиот затвор Ребибија. Потоа следуваат отворање на Светите врати во папските базилики во Рим и ходочестија и настани со учество на, како што се очекува, илјадници луѓе.
Јубилеите се драгоцени моменти за преглед на нашите животи, и како поединци и како заедница. Тие, покрај тоа, се можност за размислување, разгледување и слушање што ни кажува Светиот Дух денес (Откровение 2,7).
Папата Фрањо ќе ја отвори Светата врата на базиликата Свети Петар за да го одбележи почетокот на Светата година, јубилејната 2025 година, која сакаше да ја посвети на темата надеж. Надежта која не разочарува, како што пишува во насловот на булата за прогласување на Јубилејот, Spes non confundit. Надежта потребна во ова време на светот кој, меѓу војните, поделбите, сиромаштијата, климатските кризи, изгледа дека нуди само вознемиреност и тага.
Со објавата од неговиот профил @Pontifex на платформата X, кој истовремено допира до милиони луѓе на девет јазици, Папата го свртува вниманието на тој настан, но пред сè на интимната природа на тој голем црковен настан кој го вклучува светот и може да претставува пресвртна точка во животот на секој човек. Тоа е можност за размислување и собраност – истакнува Папата во објавата, имплицитно повторно изразувајќи ја желбата – веќе неколкупати изразена во последните месеци – Јубилејот пред сè да биде време на духовност, преродба, простување и општествено ослободување. Тој го кажа ова во молитвата на 8 декември, на празникот Безгрешно зачнување, предупредувајќи на опасноста од задушување на благодатта поради организацијата, поради многуте работи што треба да се направат или поради приговорите заради многуте градилишта и промени со кои се соочи и сè уште се соочува градот Рим.
Бројни „јубилеи“
Имено, на програмата се бројни настани од 24 декември, од Бадник и отворањето на Светата врата, до затворањето на Јубилејот на 6 јануари 2026 година. Се очекува повеќе од 30 милиони луѓе да учествуваат на различни ‘ јубилеи посветени на различни категории: од светот на комуникацијата до уметници, од вооружени сили до волонтери, од болни и здравствени работници до посветен живот, ѓаконите, братствата, од работници до претприемачи, од владетели до млади и адолесценти. Најмногу ходочесници и учесници се очекува да има Јубилејот на млади, кој е закажан од 25 до 27 април, и поради канонизацијата на Карло Акутис.
Отворање на Светата врата во базиликата Свети Петар
Во меѓувреме, на Бадник, во 19.00 часот започнува обредот на отворање на Светата врата, пред литургиското бдение. Се очекуваат дека околу 30.000 верници ќе се соберат на плоштадот Свети Петар за да ја следат церемонијата на големите екрани; една група ќе биде во базиликата. Папата Фрањо, дваесет и пет години по свети Иван Павле II и девет години по вонредниот Јубилеј на милосрдието ќе ја изговори формулата: Haec porta Domini (Ова се вратите Господови), на што верниците ќе одговорат: Iusti intrabunt in eam (Праведниците влегуваат преку нив).
Верници од сите континенти
Глобалниот опсег на оваа Света година ќе се одрази пред сè во цветниот подарок што десет деца од различни народи (Австрија, Јужна Кореја, Египет, Филипини, Индија, Мексико, Нигерија, Самоа, Словачка и Венецуела) ќе му го донесат на Папата. Педесет и четворица верници од пет континенти први ќе поминат низ светата врата што ќе ја отвори Папата за да побараат јубилејна прошка и да ја исповедаат својата вера. Меѓу земјите од кои доаѓаат се и Кина, Конго, Јужна Кореја, Еритреја, Иран, Папуа Нова Гвинеја, Самоа, Соединетите Американски Држави и Виетнам.
„Симбол на надежта“ за затворениците во римскиот затвор Ребибија
Во Светата година, која Папата, како што напиша во Булата, сака да ја посвети не само на јубилејните знаци, туку и на гестовите на грижа и милосрдие кон ранливите во општеството, има еден момент без преседан, а тоа е отворањето на Светата врата во затворот. Папата Фрањо го соопшти ова за време на прогласувањето на Светата година со булата Spes non confundit, по што надбискупот Рино Физикела, задолжен за организација на Јубилејот, извести дека е избран казнено-поправниот дом Ребибија, кој Папата веќе го посети во 2015 година на Велики Четврток. Папата ќе ја отвори Светата врата на Ребибија утрото на 26 декември, на празникот Свети Стефан, во присуство на неколку затвореници. Со овој гест, како што напиша, сака да им пружи конкретен знак на близина за да може да биде симбол кој не поттикнува да гледаме кон иднината со надеж и обновена посветеност на животот.
Обред во Папските базилики во Рим
По вратите на базиликата Свети Петар и затворот Ребибија, ќе следи отворањето на Светите врати на трите папски базилики во Рим: Свети Иван Латерански на 29 декември; Света Марија Велика на 1 јануари; и Свети Павле надвор од ѕидините на 5 јануари. Церемонијата во нив ќе ја извршат архпрезвитерите на тие базилики. Сите портвратии ќе останат отворени за да бидат место за ходочестие во текот на целата година. Во недела, 29 декември 2024 година, во сите катедрали и конкатедрали епископите ќе треба да слават Евхаристија за да го одбележат свеченото отворање на Јубилејната година. Како што веќе направи во 2015 година по повод Јубилејот на милосрдието, папата Фрањо ги охрабри сите епископи ширум светот да го одредат главниот влез на нивната катедрала или друго подеднакво важно место за богослужба како што е Светата врата, за да се олесни ходочестието за оние кои од различни причини нема да можат да патуваат во Рим.
Ватикан њуз/к.мк