Папата ја повика Римската епархија на пасторална процена: „Да правиме помалку, но подобро“

Папата ја повика Римската епархија на пасторална процена: „Да правиме помалку, но подобро“

На отворањето на новата пасторална година во Римската епархија, папата Лав XIV повика на заеднички процес на пасторална процена, насочен на средба со Христос, градење заедница и служење на градот.

Папата Лав XIV ја охрабри Римската епархија новата пасторална година да ја започне со време за слушање, расудување и процена на своите активности, наместо едноставно да додава нови иницијативи.

Обраќајќи се на Епархиското собрание во базиликата „СветиИован Латерански“ во петок, 18 септември 2026 година, Папата рече дека не претставува нова пасторална програма, туку предлага заеднички метод на „пасторална процена“.

Овој процес, објасни тој, значи да се запре и повторно да се согледа она што се случило, да се препознае што донело плод, да се разбере што не функционирало и заеднички да се бараат причините. Во него треба да биде вклучена целата црковна заедница, а кога е можно, треба да се слушнат и оние што не учествуваат редовно во животот на Црквата.

„Зошто некои иницијативи создаваат вистински патишта, а други остануваат изолирани?“, праша Папата.

„Зошто плачеш? Кого бараш?“

Папата Лав XIV го започна своето размислување со евангелскиот настан за Марија Магдалена кај празниот гроб на велигденското утро.

Исусовите прашања до неа, „Зошто плачеш? Кого бараш?“, Папата ги предложи како прашања што денес треба да си ги постават и Црквата и градот Рим.

Тој потсети на големата живост што веќе постои во епархијата, преку парохиите, здруженијата, движењата и другите црковни заедници вклучени во евангелизацијата, милосрдието и молитвата.

Истовремено, предупреди дека мноштвото активности може да доведе до тоа заедниците да го изгубат од вид својот евангелски центар.

Затоа, рече Папата, пасторалното дејствување не треба да започнува само со прашањето што треба да направиме, туку кого треба да сретнеме и како да го направиме тоа.

Кога Марија го слуша Исус како ја повикува по име, таа Го препознава. На ист начин, луѓето во црковните заедници не треба да остануваат анонимни или невидливи, туку треба да бидат забележани, познавани и повикувани по име.

Вистинската средба со Христос тогаш станува извор на мисионерска радост.

„Црквата не постои заради самата себе, туку за да го доведе секој човек до средба со Господ“, рече Папата.

Три приоритети за пасторалната процена

Папата Лав XIV посочи три главни области што Римската епархија треба да ги разгледа при процената на својот пастиорален живот.

Првата е „да се сретне Христос и да им се помогне на другите да Го сретнат“. Активностите не треба да се проценуваат само според нивната организација или бројот на учесници, туку според тоа дали навистина ги водат луѓето кон Христос и го поврзуваат Евангелието со нивниот конкретен живот.

Втората област е „создавањето заедница“. Христијанските заедници треба да создаваат односи во кои луѓето ќе се чувствуваат прифатени, придружувани, ценети и одговорни.

Папата особено ја нагласи потребата за младите да се има време и внимателно да бидат сослушани.

Третата област е „живеењето во градот и служењето на градот“. Рим, рече Папата, не е само заднина на црковните активности, туку место на нејзината мисија.

Црквата е повикана да ги споделува очекувањата, слабостите и прашањата на градот и да препознава каде Евангелието може да понуди одговор.

Низ сите три области се провлекува уште една важна грижа: формацијата на Божјиот народ.

Папата истакна дека пасторалните активности треба да им помагаат на луѓето да растат во верата, да стануваат мисионерски ученици, да преземаат одговорност во Црквата и да развиваат зрела вера која ќе се претвора во конкретни животни избори и служење.

„Да правиме помалку, но подобро“

Папата Лав XIV предупреди дека предложениот процес не треба да стане уште еден товар за свештениците и пасторалните работници.

„Уметноста на пасторалната процена не бара од вас да правите повеќе“, рече тој, туку ѝ дозволува на Црквата „да прави помалку и да го прави тоа подобро“.

Тој ги повика свештениците најнапред да слушаат, па потоа да одговараат, и прво да расудуваат, па дури потоа да одлучуваат. Истовремено, ги поттикна да ги препознаваат харизмите и одговорностите на лаиците.

„Да предводиш не значи да правиш сè“, рече Папата, „туку да создаваш заедништво и да им овозможуваш на даровите на другите да се развиваат“.

Тој ги охрабри и римските префектури да станат вистински места на свештеничко братство, каде што свештениците ќе можат без срам да ги споделуваат своите тешкотии.

Дон Луиџи Ди Лиегро на патот кон светоста

На крајот, Папата потсети на примерот на дон Луиџи Ди Лиегро, сакан римски свештеник и основач на епархискиот Каритас во Рим, кој неуморно им служел на сиромашните и маргинализираните.

Папата Лав XIV соопшти дека „со радост ја одобрил одлуката да се преземат потребните чекори за започнување на епархиската истрага за животот, крепостите и гласот на светост на дон Луиџи Ди Лиегро“.

Поврзувајќи го неговото нагласување на гледањето и слушањето со суштинското прашање на духовното расудување, Папата потсети на прашањето: „Господи, каде си?“

Тој изрази надеж дека овој процес ќе доведе до обновени пасторални искуства и до заеднички пат кон Јубилејот на Искупувањето во 2033 година.

На крајот, папата Лав XIV ѝ ја довери Римската епархија и градот на Пресвета Богородица, Salus Populi Romani, молејќи ја да го придружува нивниот пасторален пат.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот