Папата ја заврши посетата на Неапол, повикувајќи го градот да стане „работилница за мир“

Папата ја заврши посетата на Неапол, повикувајќи го градот да стане „работилница за мир“

На крајот од својата пасторална посета на Помпеја и Неапол, на првата годишнина од својот понтификат, папата Лав XIV повика на обновена посветеност на мирот, вкоренет во правда, солидарност и општествена одговорност.

На крајот од долгиот ден, кој го одведе во Помпеја и во блискиот Неапол на првата годишнина од неговиот понтификат, папата Лав XIV се сретна и поздрави околу 50.000 граѓани собрани во срцето на централниот и величествен плоштад Пјаца дел Плебишито во Неапол.

Пристигнувајќи на историскиот плоштад од катедралата „Вознесение на Пресвета Богородица“, тој им се обрати на граѓанските власти, на локалниот надбискуп, кардиналот Доменико Батаља, и на верниците, упатувајќи апел за општествена обнова, единство и мир вкоренет во правдата и живеан во секојдневието.

Откако изрази благодарност за исклучително топлото добредојде, кое го спореди со „прегратката“ на Берниниевата колонада на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, Папата веднаш го насочи вниманието на социјалната и духовната состојба на градот.

Град обележан со убавина и рани

Размислувајќи за евангелскиот извештај за учениците од Емаус, Папата го опиша Неапол како град обележан со извонредна убавина и со длабоки рани.

Тој се потсети на гласовите што се издигнуваат од градот: гласови на убавина, но и на сиромаштија, страв и дезориентираност, споредувајќи ги со уморните и обесхрабрени ученици кои Го среќаваат Христос на патот.

„Што е навистина важно?“, праша тој, повикувајќи ги граѓаните повторно да ја откријат смислата во контекст што често е поткопан од замор, рамнодушност и општествена расцепканост.

Папата го забележа парадоксот со кој се соочува Неапол: растечки туристички сектор кој не носи доволно широка економска вклученост, заедно со постојана нееднаквост. Тој посочи на невработеноста, напуштањето на училиштето, недостигот од услуги и влијанието на организираниот криминал како знаци на „географија на нееднаквост“, која денес ги засега и центарот и периферијата на градот. Во овој контекст, нагласи тој, присуството на јавните институции е од суштинско значење за враќање на довербата, безбедноста и можностите.

Секојдневни херои

Истовремено, папата Лав XIV ги пофали многуте „секојдневни херои“ од Неапол, мажи и жени кои незабележливо работат за правда, вистина и достоинство. Нивните напори, рече тој, треба да бидат вткаени во заедничка „мрежа на добро“, која го зајакнува целото општествено ткиво.

Тој ја истакна улогата на Црквата како „врска на заедништво“ во градот, особено преку нејзината посветеност на образовен пакт што ги вклучува граѓанските институции, Црквата и граѓанското општество. Оваа соработка, нагласи Папата, треба да се продлабочува како заедничка мисија за иднината на градот.

„Работилница за мир“

Централна тема на обраќањето на Папата беше мирот. Неапол, рече тој, е повикан да биде повеќе од „град од разгледница“, да стане „работилница за мир“, каде што помирувањето се гради во секојдневните односи, во маалата и во конкретните дела на правда и образование.

„Нема мир без правда“, потврди тој, „а правдата не е целосна без милосрдие“.

Тој посочи на конкретни знаци на надеж, меѓу кои иницијативи како домови за прифаќање ранливи семејства и центри за поддршка на луѓе во тешкотии, опишувајќи ги како живи изрази на мир што станува гостопримство, грижа и нов почеток.

Знаци на обнова

Папата Лав XIV ги пофали и напорите Неапол да стане простор за меѓукултурен и меѓурелигиски дијалог, вклучувајќи ги и иницијативите со млади луѓе од конфликтни зони.

Тој ја истакна долгата традиција на градот во прифаќањето мигранти и бегалци, нарекувајќи ја можност за средба и меѓусебно збогатување. Во текот на своето обраќање Папата постојано се навраќаше и на улогата на младите луѓе. Според него, тие се протагонисти на обновата.

Од културни проекти до парохиски иницијативи и добротворни служби, младите Неаполци, рече тој, веќе обликуваат „знаци на обновен град и обновена Црква“.

Завршувајќи ја својата посета, папата Лав XIV ги довери жителите на Неапол на застапништвото на Дева Марија и на саканиот светец-заштитник на градот, свети Јануариј, охрабрувајќи ги да продолжат да одат заедно со храброст и надеж.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот