Папата Лав XIV им изрази поддршка на оние што се залагаат за укинување на смртната казна во Соединетите Американски Држави и низ целиот свет, нагласувајќи ја важноста од заштитата на човековото достоинство.
Црквата потврдува „дека достоинството на личноста не се губи дури ни по извршување многу сериозни злосторства“, рече папата Лав XIV во видеопорака објавена во петок, 24 април 2026 година, до собраните на Универзитетот ДеПол во Соединетите Американски Држави, по повод 15-годишнината од укинувањето на смртната казна во сојузната држава Илиноис.
Тој истакна дека им се придружува на присутните во одбележувањето на оваа значајна одлука, донесена во 2011 година, и ја изрази својата „поддршка на оние што се залагаат за укинување на смртната казна во Соединетите Американски Држави и низ целиот свет“.
„Се молам вашите напори да доведат до поголемо признавање на достоинството на секоја личност и да ги инспирираат другите да работат за истата праведна цел“, нагласи тој.
Правдата може да се постигне без смртна казна
„Може да се развијат, а веќе се развиени, ефикасни системи за притвор што ги штитат граѓаните, а во исто време не им ја одземаат целосно на виновните можноста за искупување“, подвлече Папата.
„Затоа папата Фрањо и моите неодамнешни претходници постојано инсистираа дека општото добро може да се заштити и дека барањата на правдата можат да се исполнат без прибегнување кон смртна казна“, продолжи тој.
Тој го цитираше и Катехизмот на Католичката црква, нагласувајќи дека Црквата учи оти „смртната казна е недозволива, бидејќи претставува напад врз неповредливоста и достоинството на личноста“.
Папата го повтори и учењето на Црквата за важноста од заштитата на животот од зачнувањето до природната смрт.
„Правото на живот е самата основа на секое друго човеково право. Поради оваа причина, само кога едно општество ја штити светоста на човечкиот живот, тоа ќе цвета и ќе напредува“, истакна тој.
Ватикан њуз/к.мк

