Папата: Црквата треба да ја врати „довербата во технологијата“ и да ги води луѓето кон Христос
На средбата со учесниците на конференцијата во Ватикан за вештачка интелигенција, папата Лав XIV ги охрабри напорите за едукација на луѓето за вештачката интелигенција, а истовремено и за нивно водење кон Христос и кон „обновена доверба во технологијата“.
Папата Лав XIV во петок, 22 мај 2026 година, се сретна со учесниците на Меѓународната конференција за вештачка интелигенција, насловена „Зачувување на човечките лица и гласови“.
Еднодневниот настан, промовиран од Дикастеријата за комуникација и Дикастеријата за култура и образование, собра експерти од областа на вештачката интелигенција, образованието и теологијата, со цел да ја истражат пораката на Папата за овогодинешниот Светски ден на комуникациите.
Во своето обраќање, папата Лав ја поддржа вклученоста на Црквата во обликувањето на напредокот на дигиталните технологии, истовремено помагајќи во едукацијата на луѓето за нивна мудра употреба.
Декретот на Вториот ватикански собор за средствата за општествена комуникација, рече тој, потсетува дека Црквата е основана од Христос за да им донесе спасение на сите преку Евангелието, користејќи ги средствата што ѝ стојат на располагање.
„Оваа желба е секој да биде спасен и да дојде до познание на вистината“, рече тој, „затоа треба да влијае не само врз нашите одлуки и постапки, туку и врз употребата и насоката што им се дава на медиумите, дигиталната технологија и вештачката интелигенција, со цел овие алатки да бидат ставени во автентична служба на човештвото“.
Сепак, забележа тој, неконтролираната примена на технологијата на сметка на човечкото достоинство води кон алатки што ја искористуваат нашата потреба за човечки односи.
Затоа папата Лав ја повика Црквата да им помогне на луѓето повторно да го откријат „вистинското значење и величие на човештвото, како што е замислено од Бога“.
Предизвикот со кој се соочува човештвото, додаде тој, не е само технолошки, туку антрополошки, бидејќи допира до самата суштина на тоа што значи да се биде човек.
„Размислувајќи за Христос, воплотеното Слово, подобро се запознаваме себеси, бидејќи не можеме да го разбереме своето срце одвоено од Христовото срце“, рече Папата.
Светиот Отец ја покани Црквата и нејзините водачи да соработуваат со образовните системи за да ја поттикнат медиумската писменост и писменоста за вештачка интелигенција кај младите луѓе, за тие да научат критички да размислуваат.
Додека Црквата се грижи за духовната благосостојба на младите луѓе, рече тој, треба да им помогнеме да „научат умереност и дисциплина во користењето“ на технологијата.
„Младите луѓе, особено, се отворени за оваа вистина и копнеат да ја откријат смислата на животот“, рече тој. „Затоа треба да им помогнеме да се сретнат со живиот Христос и да ги научиме да ја интегрираат употребата на технологијата во рамките на целосен христијански начин на живот.“
Папата Лав XIV заклучи дека ерата на вештачката интелигенција и нашиот одговор на неа се суштинска тема за Црквата, бидејќи таа настојува да им помогне на сите да пораснат до целосна зрелост.
„Се надевам“, рече тој, „дека овие размислувања ќе доведат до обновена доверба во технологијата како плод на генијалноста на човечката личност во хармонија со Божјиот создателен план“.
Ватикан њуз/к.мк

