Во порака до латиноамериканските свештеници, монаси, монахињи и богослови кои студираат во Рим, папата Лав XIV ги стави во центарот оние единствени зборови што Христос ги изговара постојано во Евангелието: „Sígueme – Следете ме“. Според Светиот Отец, токму во нив се открива најдлабоката цел на животот, без разлика дали сте богослов, свештеник, монах или монахиња.
Папата потсетува дека иницијативата никогаш не започнува од човекот. Во Евангелието секогаш Христос е тој што прв повикува, без да бара заслуги, без да бара претходна подготовка, туку гледајќи на можноста неговите ученици да станат носители на спасението за оние кои се слаби и ранливи. Ова првенство на Божјата благодат е темелот врз кој се гради секое вистинско духовно служење.
Во исто време, истакнува Лав XIV, повикот никогаш не е неодговорен. Бог повикува, а човекот е повикан да одговори со сериозност и посветеност. Папата потсети на евангелскиот настан со богатиот млад човек за да покаже како Христос открива нов правец: да го ставиме Бога пред сè, да го познаваме неговиот закон не само како теорија, туку и како начин на живот и да се ослободиме од довербата во човечките потпори за да најдеме вистинска слобода во Божјата волја. Свети Амвросиј, вели Папата, во ова не гледа бегство од природните обврски, туку откривање на нов живот – живот во кој ништо не може да застане пред Бога, дури ни она што е човечки добро и исправно.
Оваа врска со Христос, нагласи Светиот Отец, никогаш не нè одделува од нашите браќа и сестри. Напротив, таа гради заедница која не се темели на сочувство, придобивки или погодности, туку на припадност кон народот откупен од Христос. Единството на кое сме повикани е знак на таа вечна хармонија која целосно ќе се открие кога ќе се исполнат зборовите на првосвештеничката молитва: „Да бидат сите едно“.
Потоа Папата го привлече вниманието на настанот од Евангелието по Иван, каде што Воскреснатиот двапати му повторува на Петар: „Следи ме“. Ова се случува по тројното исповедање на љубовта со кое апостолот го исправа неговиот пад. Христос ја прифаќа оваа несовршена љубов и веќе го гледа сведоштвото што Петар ќе го даде со својот живот. Зборовите „Оди по мене“ звучат како прошка, но и ветување – ветување дека Божјиот поглед ја познава и нашата слабост. Папата потсети дека Господ ги кажува овие зборови и кога Петар почнува да се споредува со другите и да ја доведува во прашање Божјата волја. Потоа Исус вели: „Тебе што ти е? Ти врви по мене“. Ова е повик да го замолчиме гласот на сопственото его и да му дозволиме на Бог да нè води.
Во свет преплавен со бучава, конфузија и постојани одвлекувања на вниманието, нагласи Лав XIV, Црквата има потреба од ученици кои го познаваат гласот Христов и го носат јасно во своите срца. Ова знаење се раѓа во тивка и постојана молитва, во внимателно читање и размислување на Светото Писмо и во прифаќањето на учењето на Црквата како ризница на мудрост. Не треба да се врзуваме ниту за аплаузот што одекнува кратко, ниту за тежината на разочарувањата што остануваат во нашето сеќавање подолго отколку што е потребно. Сè – радостите, искушенијата, напорите и неуспесите – е дел од патот по кој нè води Христос и кој нè прави посилни во него. Затоа, како зборовите изговорени на денот на христијанскиот брак, нашето „следење“ мора да биде „во здравје и во болест, во сиромаштија и во богатство“.
На крајот, Папата ги довери присутните на заштита на Богородица од Гвадалупе, Мајка „на вистинскиот Бог за кого живееме“. Ги охрабри да ги чуваат во своите срца чудата што Христос ги направил во нивните животи и без страв да ја споделат радоста од средбата со Него. Папата им посака престојот во Рим да биде благодатен и плоден за нивната идна служба и ги благослови со татковска топлина.
Ватикан њуз/к.мк

