Папата Фрањо: Залутавме? Нашиот Отец нѐ чека

Папата Фрањо: Залутавме? Нашиот Отец нѐ чека

Во подготвената катехеза на папата Фрањо за Генерална аудиенција во среда, 16 април 2025 година, која не се одржа поради неговото закрепнување, тој потсетува на параболата за блудниот син и укажува: колку и да сме залутале, нашиот Отец полн со љубов нѐ чека со раширени раце.

Додека папата Фрањо се опоравува во Ватикан откако беше отпуштен од римската болница Гемели во неделата, 23 март, тој понуди текст, кој го подготви за Генералната аудиенција во средата и побара од Канцеларијата за печат на Светиот Престол да биде објавен.

Откако неговиот медицински тим го отпушти од болница, препорачувајќи му два месеци одмор за соодветно опоравување, Канцеларијата за печат продолжува да ги објавува катехезите подготвени за аудиенцијата во среда, како што тоа го правеше за време на неговата хоспитализација.

Блудниот син

Во својата катехеза, фокусирајќи се на средбите од Исусовиот живот, Папата размислуваше за параболата за блудниот син, откривајќи ја безграничната Божја милост додека таткото го пречекува своето дете дома.

Евангелието, подвлекува папата Фрањо, нуди порака на надеж, „затоа што ни кажува дека без разлика како и каде сме се изгубиле, Бог секогаш доаѓа да не бара!“

„Можеби сме залутале како овца која се отстранила од патот за да пасе или заостанала поради исцрпеност“, пишува Светиот Отец, но тоа не го спречува или попречува Господ да нé бара.

Кога правиме грешки, таквите искуства, признава папата Фрањо, честопати „раѓаат во нас искривено верување – дека можеме да оствариме однос само како слуги, како да треба да се искупиме за некаква вина или како да не постои вистинска љубов“.

Како изгледа вистинската љубов

„Само оние кои вистински нè сакаат“, истакнува Папата, „можат да нè ослободат од ова лажно гледиште за љубовта“, забележувајќи, „во нашиот однос со Бог, ние го доживуваме токму тоа“.

Папата зборува и за поуките кои верниците можат да ги научат, а поврзани со постариот син, кој, забележува Папата, секогаш бил дома со таткото, но и бил оддалечен од него.

Ја остава вратата отворена за нас

„Сепак, кога останувате во однос неволно“, предупредува папата Фрањо, „почнувате да негувате гнев, кој порано или подоцна експлодира“. Парадоксално, истакнува тој, поголемиот син е тој што на крајот ризикува да остане надвор, бидејќи не ја дели татковата радост.

Без разлика на тоа, Светиот Отец потсетува дека таткото излегува да го пречека својот син, без да го укорува или да му држи предавања. „Тој само сака да се чувствува сакан“, и затоа, забележува Папата, „го кани внатре и ја остава вратата отворена“.

„Таа врата и за нас останува отворена“, истакнува Светиот Отец, „И токму тоа е причината за нашата надеж: можеме да имаме надеж затоа што знаеме дека Отецот нè чека, нè гледа оддалеку и секогаш ја остава вратата отворена“.

Папата Фрањо на крајот ги повикува сите верници да се запрашаат: „Каде сме ние во оваа прекрасна парабола? И да го молиме Бога Отецот за благодатта да го најдеме нашиот пат до дома“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот