Во својата проповед на светата Литургија во недела, 16 февруари 2025 година, наменета за јубилејот на уметниците, која ја прочита кардиналот Толентино де Мендонса, папата Фрањо размислува за нивната улога како „чувари на убавината“, способни „да се наведнат над раните на светот“.
Со оглед на тоа дека папата Фрањо е хоспитализиран поради компликации предизвикани од бронхитисот, светата Литургија за бројните уметници и културни работници од целиот свет, собрани во Рим за јубилејот на уметниците, во базиликата Свети Петар ја предводеше кардиналот Хозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование, кој ја прочита и хомилијата на папата Фрањо, која претходно беше подготвена. Во неа Папата нагласува дека уметниците и културните работници се повикани да бидат сведоци на револуционерната визија на блаженствата.
Вашата мисија не е само да создадете убавина, туку да ги откриете вистината, добрината и убавината скриени во наборите на историјата, да им дадете глас на оние чии гласови не се слушаат, да ја преобразите болката во надеж. Живееме во време на сложена криза, која е економска и социјална, а пред се криза на душата, криза на смислата. Си поставуваме прашања за времето и патот по кој чекориме. Дали сме ходочесници или скитници? Дали одиме со цел или бесцелно скитаме? Уметник е некој кој има задача да му помогне на човештвото да не го загуби правецот, да не го изгуби хоризонтот на надежта.
Светиот Отец ги потсети дека треба да внимаваат, затоа што не станува збор за површна и фиктивна надеж.
Вистинската надеж е испреплетена со драмата на човековото постоење. Таа не е удобно прибежиште, туку оган што гори и осветлува, како Словото Божјо. Затоа вистинската уметност е секогаш средба со таинствата, убавината која нè надминува, болката што нè преиспитува и вистината која нè повикува.
Папата на уште еден начин ја истакна причината и смислата за делувањето на уметниците:
Ова е мисијата на уметникот: да ја открие и да ја објави скриената големина, да ја направи видлива за нашите очи и нашите срца. Уметникот со неговото творештво прави расудување и им помага на другите да ги препознаат одгласите на овоземските настани. Културните работници и работнички се повикани да ги оценат овие одгласи, да ни ги објаснат и да го осветлат патот по кој не водат: дали е тоа песната на заводливите сирени или за повикот на нашата вистинска човечност?
„Драги уметници, во вас гледам чувари на убавината кои знаат да го слушаат плачот на сиромашните, страдалниците, ранетите, затворените, прогонетите и бегалците. Во вас гледам чувари на блаженствата! Живееме во време во кое се подигаат нови ѕидови. Но вие мажите и жените од културата, повикани сте да градите мостови, да создавате простори за средби и дијалог, да ги просветлувате умовите и да ги топлите срцата“ и ги повика на нов ангажман. Светиот Отец им постави прашање: Дали има корист од уметноста во ранетиот свет? Зарем нема поитни и попотребни работи? Воедно го даде и договорот: „Уметноста не е луксуз, туку потреба на духот. Таа не е бегство, туку одговорност, повик на делување“.
На светот му требаат уметници кои се како пророци, храбри интелектуалци, културни творци. Дозволете да ве води Евангелието на блаженствата, а вашата уметност нека биде навестување за нов свет. Бидејќи вистинската уметност никогаш не е комотна, таа нуди мир на немирот. И запомнете: надежта не е илузија; убавината не е утопија; Вашиот дар не е случајност, тоа е повик. Одговорете на него великодушно, страсно и со љубов!
Ватикан њуз/к.мк