На крајот од Генералната аудиенција, во среда 18 ноември 2026 година, папата Лав XIV потсети дека Црквата во Италија го одбележува Националниот ден на молитва за жртвите и преживеаните од злоупотреба и ја истакна важноста на превенцијата, слушањето на повредените и јасното именување на злото. Тој се осврна и на Светскиот ден на рибарството, кој се одбележува на 21 ноември.
Обраќајќи им се на ходочесниците од италијанското говорно подрачје на крајот од Генералната аудиенција во средата, папата Лав XIV потсети дека Црквата во Италија го одбележува Националниот ден на молитва за жртвите и преживеаните од злоупотреба.
Денот го организира Националната служба за заштита на малолетници и ранливи возрасни лица при Италијанската бискупска конференција.
Папата потсети дека овогодишната тема „Слушање што лекува, заедница што обновува“ нè поттикнува да разбереме дека за христијанската заедница „спречувањето и справувањето со злоупотребите е начин на живеење на евангелското преобраќање“.
„Тоа започнува со слушање на оние што се повредени, со именување на злото и со тргнување по патиштата на вистината, правдата и обновата“, нагласи папата Лав.
Папата се осврна и на Светскиот ден на рибарството, кој се одбележува на 21 ноември, а годинава е поврзан со евангелските зборови „Дојдете да јадете“.
Тој се сети на рибарите кои го губат животот на море, работат во области погодени од конфликти, мигрираат во потрага по егзистенција или се изложени на пиратство, заробеништво и експлоатација.
„Моите мисли се насочени особено кон рибарите изложени на војна, пиратство и заробеништво, како и кон оние што морето ги одзело од нивните најблиски, кои сè уште чекаат вести“, рече Папата.
Тој се сети и на рибарите мигранти, на оние што се експлоатирани и на крајбрежните заедници кои се соочуваат со последиците од климатските промени и со сè посиромашните морски ресурси.
Со овие зборови папата Лав XIV повика на поголемо внимание кон достоинството, безбедноста и условите за живот и работа на луѓето чија егзистенција е поврзана со морето.
Ватикан њуз/к.мк

